Владата на предлог на Министерството за труд и социјална политика вчера ја разгледа и усвои и Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026 година. Стратегијата се води од Агендата 2030 и општите принципи на Целите за одржлив развој на ОН.
Целта на стратегијата е придонес во унапредувањето на менталното здравје на младите, пришто, како што додаваат, добросостојбата на младите ќе биде активен двигател на општествениот развој.
„Стратегијата посочува на потребата од двонасочен пристап за вклучување на младите во релевантни политики, програми, сектори, на национално и на локално ниво, како и на фокусирана акција за зајакнување на нивното ментално здравје. Исто така, се упатува на развој на систем на соработка помеѓу образовниот, социјалниот и здравствениот сектор, како и промовирање на интеграцијата помеѓу услугите за ментално здравје и другите релевантни сектори, како што се образованието, социјалните услуги и поддршката за вработување“, образложуваат од владата.
При усвојувањето на стратегијата, од Владата посочуваат дека е препорачано формирање на Национално координативно тело на сите носители на активности и проекти, коешто ќе го следи спроведувањето на Стратегијата.