Министерството за образование и наука (МОН) информира дека согласно направените сеопфатни анализи за состојбите во основно, средно и високо образование и наука, ученички и студентски стандард, и обезбедување на учебници во Република Северна Македонија со поддршка од Владата донесе одлука за формирање Совет за унапредување на образованието и науката.
Оттаму посочуваат дека одлуката е донесена во насока на градење на јавни и транспарентни политики во образованието.
„На предлог на Министерството за образование и наука Владата денеска ја усвои информацијата за потребата од формирање на Советот, преку кој ќе се овозможи подобрување на квалитетот на образованието и науката, оптимизација во образованието, зајакнување на системите на евалуација и оценување, реформирање на наставните програми со нивна поголема насоченост кон резултатите од учење, подобра ориентираност на програмите за стручно образование и обука кон потребите на пазарот на трудот, како и програмите во високото образование да ги отсликуваат потребите на пазарот на трудот“, се вели во соопштението од МОН.
Со работата на Советот ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а во состав ќе бидат министерот за образование и наука Јетон Шаќири, првиот вицепремиер Артан Груби, заменик вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии Фатмир Бесими, координација на економските ресори и инвестиции и Педагошката служба како орган на државната управа во состав на Министерството за образование и наука.
Во образложението за одлуката се вели дека во активностите на Советот ќе учествуваат Сојузот на средношколци, Интеруниверзитетската конференција, Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, Агенцијата за квалитет во високото образование, Одборот за акредитација на високото образование, Одборот за евалуција на високото образование, студентските собранија, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно обраование и обука, Државниот испитен центар, Државниот просветен инспекторат и Центарот за образование на возрасните.
Оваа одлука доаѓа по два дена откако министерот Шаќири го најави формирањето на ваквиот Совет со цел, како што рече конечно да се најде решение за процесот со учебниците во основното и средното училиште.
Ќе се формира Совет кој ќе го решава проблемот со учебниците, најави Шакири