Од 2014 година и во наредните пет години, Владата ќе дава државни пари за продуцирање популарна македонска музика – забавна, народна и музика за деца, преку конкурси што ќе ги спроведува Македонската радио-телевизија.
По десет композиции годишно ќе бидат финансирани од категориите „Таленти“, „Поттикнување семејни вредности и многудетни семејства“ и „Афирмирање на Република Македонија и нејзината историја“.
Според министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, причина за донесувањето на законот е евидентниот пад на продукцијата на ваков вид музика во последната деценија. Целта на законот е да ги стимулира финансиски изведувачите, а крајниот резултат да биде поголем обем и квалитет.
Според овој нацрт закон, МРТ ќе објавува четири конкурси годишно (април, јуни, септември, декември) за субвенционирање 200 композиции во текот на годината – 50 песни за деца и 150 песни од забавната и од народната музика.
За секоја категорија има критериуми: број на албуми и солистички концерти во Македонија и во странство, број на домашни и меѓународни награди, учество на фестивали, меѓу кои се вреднува и во финалето на Евросонг.
Иво Јанкоски, издавач од продукцијата „Трето уво“, рече дека законот се донесува во најтежок и најнепродуктивен период за македонска музика кога доминира, како што рече, „музичка депонија и грд шунд од Балканот“. Но, нагласи дека тој ќе нема ефект ако медиумите не се придржуваат на регулативата за најмалку 30 отсто домашна музика во етерот.
Композиторот Кире Костов рече дека со законот се вреднува трудот, што тој не доживеал во својата долгогодишна кариера.
„Во МРТ се случи една дупка од седум-осум години, во која пропадна се што можеше да пропадне и до доаѓањето на сегашниот нејзин директор, МРТ не произведе ниедна композиција. Тоа за една држава е трагедија“, рече Костов.
Според поп-пејачот Владо Јаневски, идејата е благородна зашто и се оддава признание на популарната музика во Македонија, а спроведувањето на законот ќе биде „инјекција за создавање поголем фундус македонска музика“ и поттик за младите кои творат.