Бесплатно дооформување на средното образование и стипендии за постдипломски студии од областа на фините уметности на најреномираните универзитети се двете нови мерки во образованието кои денеска ги најави Владата.
Студентите кои ќе се запишат на постдипломски студии ќе добијат средства од Владата за покривање на трошоците за престој и школарина, со што ќе бидат обврзани по завршувањето на студиите да работат во Македонија во двојно поголем период отколку што им траеле студиите.
Портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев, ја објасни и втората мерка, која се однесува на дооформување на образование.
– Оние кои имаат завршено тригодишно стручно образование, а немаат четврта година, со оваа мерка ќе можат тоа да го направат бесплатно. Досега за ова плаќаа 2.500 денари годишно и 1.000 денари по испит – изјави Ѓорѓиев на денешната прес-конференција.
Следната недела Министерството за образование и наука треба да ја објави конкретната листа на меѓународни реномирани универзитети и специјализирани школи за кои ќе важи оваа стипендија, а потоа ќе биде распишан и оглас за аплицирање за овие стипендии.
Извор: 24 Вести