Владата на Израел го разгледува предлогот за примирје, повеќе од 70 загинати во Газа по најавата за прекин на огнот

Повеќе од 70 луѓе се убиени во израелските напади врз Газа од објавувањето на договорот за прекин на огнот, соопшти Цивилната одбрана на Хамас, јавува Радио Слободна Европа.

Според најавите, договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел треба да стапи во сила во недела, на 19 јануари. Сепак, сè уште треба да биде одобрен од израелската влада.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наведе дека владата ќе го одложи планираниот состанок закажан за утрово на кој ќе се разговара за одобрување на договорот за прекин на огнот во Газа, обвинувајќи го Хамас дека принудува отстапки во последен момент. Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација ги отфрла тврдењата на Нетанјаху.

Во изјавата која ја објави Ројтерс, палестинските медиуми, како и политичката канцеларија на организацијата, се нагласува дека „Хамас е посветен на договорот за прекин на огнот објавен од преговарачите“.

Договорот меѓу Израел и Хамас е постигнат со посредство на Катар и Египет. Вклучува три фази, а последната фаза е фокусирана на реконструкција на Појасот Газа.

Конфликтот избувна во октомври 2023 година, кога милитантите предводени од Хамас нападнаа населби на југот на Израел, каде според израелските податоци, убиле околу 1.200 луѓе, главно цивили и однеле 251 заложник во Газа.

Израел возврати со отпочнување на разорна офанзива врз палестинската енклава во која беа убиени повеќе од 44.000 луѓе и беше раселен поголем дел од населението, според здравствените власти во Појасот Газа, кој е под контрола на Хамас.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека „овој договор ќе стави крај на борбите во Газа, ќе ја зголеми многу потребната хуманитарна помош за палестинските цивили и ќе ги обедини заложниците со нивните семејства по повеќе од 15 месеци во заробеништво“.

Додека деталите од договорот се’ уште се разработуваат, според кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп го потврди договорот.

Што пишува во договорот за прекин на огнот во Газа?

Деталите за договорот сè уште не се соопштени од преговарачките страни Израел и Хамас, но според информациите што за Ројтерс ги доставил функционер запознаен со договорот за прекин на огнот, ова се некои од неговите елементи:

* Шестнеделната почетна фаза на прекинот на огнот вклучува постепено повлекување на израелските сили од централна Газа и враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.

* Договорот предвидува за време на прекинот на огнот да се дозволува влез на 600 камиони со хуманитарна помош секој ден во Газа, од кои 50 ќе превезуваат гориво, а 300 камиони ќе бидат наменети за северот

* Хамас ќе ослободи 33 израелски заложници, вклучувајќи ги сите жени (војници и цивили), деца и мажи постари од 50 години. Прво ќе бидат ослободени жените и малолетниците под 19 години, а потоа мажите над 50 години.

* Израел ќе ослободи 30 палестински затвореници за секој цивилен заложник и 50 палестински затвореници за секоја жена војник ослободена од Хамас.

* Израел ќе ги ослободи сите палестински жени и деца помлади од 19 години, приведени од 7 октомври 2023 година до крајот на првата фаза. Вкупниот број на ослободени Палестинци ќе зависи од бројот на ослободени заложници и може да биде помеѓу 990 и 1.650 палестински затвореници, вклучувајќи мажи, жени и деца.

* Хамас ќе ги ослободи заложниците во период од шест недели, најмалку тројца заложници ќе бидат ослободени секоја недела, а останатите 33 пред крајот на тој период. Прво ќе бидат ослободени сите живи заложници, а потоа и останките на починатите заложници.

Спроведувањето на договорот го гарантираат Катар, Египет и Соединетите Американски Држави. Преговорите за втората фаза од договорот ќе започнат до 16-тиот ден од првата фаза и се очекува да опфатат ослободување на сите преостанати заложници, вклучително и израелски војници, траен прекин на огнот и целосно повлекување на израелските војници. Во третата фаза се очекува враќање на преостанатите тела на починатите и почеток на обновата на Газа под надзор на Египет, Катар и Обединетите нации.

Израел и Хамас постигнаа договор за прекин на огнот во Газа, тврдат катарски и американски официјални лица