Словенечката влада донесе одлука да ја признае Палестина како независна и суверена држава и ја испрати одлуката до парламентот на потврда, изјави премиерот Роберт Голоб во Љубљана, пренесува Данас.
Голоб по владината седница рече дека решението по моделот на две држави – Израел и Палестина е „начин за постигнување мир“ и дека одлуката на неговиот кабинет „не е насочена против никого“.
Претседателката на словенечкиот парламент Уршка Клакочар Жупанчич најави дека Националното собрание во вторник ќе расправа за владината одлука за признавање на палестинската држава.
Таа одлука прво треба да ја разгледа Комисијата за надворешна политика на собранието, која ќе заседава в понеделник. Доколку парламентот ја потврди владината одлука, ќе го заврши процесот на словенечко признавање на палестинската држава.
Поранешниот словенечки премиер Јанез Јанша, претседател на националистичката Словенечка демократска партија, ја критикуваше владата за нејзината одлука да ја признае Палестина 10 дена пред изборите за Европскиот парламент, обвинувајќи ја за „експлоатација на мртви палестински деца за политички цели“.
Владата на Словенија на 9 мај ја започна постапката за признавање на државата Палестина и најави дека одлуката ќе ја испрати до Собранието најдоцна до 13 јуни.
Голоб тогаш рече дека признавањето е само првиот чекор во потрагата по долгорочно решение на израелско-палестинскиот конфликт и дека Словенија, како одговорна членка на Советот за безбедност на ОН, е должна да направи се за да воспостави траен мир во Блискиот Исток.
Шпанија, Ирска и Норвешка ја признаа Палестина оваа недела, приклучувајќи се на групата од 140 земји кои веќе го направија тоа. Доколку Националното собрание ја потврди владината одлука, Словенија ќе стане десеттата од 27-те земји-членки на ЕУ што ја признаа Палестина.