Владата најави дека ќе ја носи „Европа дома“, агенда со реформи за европеизација на С. Македонија

Реформи во изборниот систем, правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, темелните човекови права, екологијата, медиумската сфера, економијата и јавната администрација се фокусот на „Агенда: Европа дома“, новиот план на Владата кој треба Северна Македонија да ја приближи кон Европската Унија.

На вчерашната пресконференција, владините функционери истакнаа дека целта на овој план не е да ги замени веќе постоечките стратегии и самата Програма за работа на Владата, туку дека тој само ги надополнува веќе постоечките документи преку поставување точни рокови за сите активности.

„Во „Агенда: Европа дома“ се преточени принципите и заложбите поставени како приоритет во владината „Акција 21“ со која ја потврдивме нашата одлучност да ги имплементираме европските стандарди и вредности во секој сегмент од нашето општество. „Европа дома“ е своевиден роковник со утврдени активности и носители на тие активности кои во точно одреден рок треба да ги завршат своите обврски за да ги унапредиме институциите и системите. Преку тоа граѓаните да добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото во Европската Унија и дека природно припаѓа во европското семејство народи“, истакна премиерот Зоран Заев.


Претседателот на Владата појасни дека во документот се вметнати препораките на Европската Комисија, а низ реализација на овие реформи ќе се исполнат и препораките на Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, извештаите и препораките од групата високи експерти, од оценските мисии и од други меѓународни извештаи.

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, објасни дека новата агенда ќе претставува патоказ кој ќе треба да го следат сите надлежни институции спроведувајќи реформски чекори што Секретаријатот за европски прашања ќе ги мониторира, ќе ги турка и за чија динамика на исполнување или застој редовно ќе информира.

„Но, она што овој хоризонтален документ треба да го овозможи е мапирање на клучните чекори и нивно будно следење, заедно со притисок за исполнување на дадените рокови. Она што е важно во креирањето на секоја стратегија се механизмите за контрола на спроведувањето. Документот што го имаме дава јасна слика не само на сите задачи што се поставени во нашиот реформски план и што имаме обврска да ги исполниме, туку и точно делегира надлежности и одговорност“, рече Димитров.


Вицепремиерот посочи дека СЕП ќе го следи спроведувањето на неделна основа и ќе ја информира Владата на секоја седница со неделен пресек на имплементацијата, дополнително, врз основа на податоците за спроведувањето ќе подготвуваат и до Владата ќе доставуваат Извештаи за спроведување на „Агенда: Европа дома“, и тоа во мај, во септември и во декември оваа година.

Агендата е предвидено да се реализира до декември 2021 година.