На денешната средба со деканот и продеканите на Природно-математичкиот факултет, Премиерот Зоран Заев и Министерката за образование и наука, Мила Царовска, соопштија дека постигнат е договор за усвојување на Колективниот договор за високо образование и наука.
Од Владата напоменуваат дека со овој Колективен договор, за прв пат по 30 години, се уредува системот на плати во високото образование и се спречуваат неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Дополнително колективниот договор за прв пат ја уредува и основната бруто плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование.
„Ние во последните две-три години, низ инклузивна размена на мислења со управите на високо-образованите институции и со синдикатите, успеавме да го доведеме до неговата завршница. Со Колективниот договор е предвидено и зголемување на плататa на наставниот и ненаставниот кадар во 2021 година и во 2022 година. Со стабилизацијата на економската ситуација од последиците од панедмијата со КОВИД-19, ваквата динамика на раст на платите ќе продолжи и до 2025 година“, истакна Премиерот.
Деканот на Природно-математичкиот факултет, Александар Скепаровски, вели дека на средбата меѓу другото се разговарало и за инвестициите во високото образование, како нешто што претставува инвестиции во иднината.
„Ги изложивме главните предизвици со кои се соочува Природно-математичкиот факултет, главно во обезбедување наставно-научен подмладок, како и потребата од континуирано финансирање во инфраструктура и во истражувачки капацитети. Драго ми е што наидовме на разбирање и од Министерката и од Премиерот и веруваме дека тоа што започна минатата година, кога Природно-математичкиот факултет после подолг период доби 20-тина нови вработувања, ќе биде процес кој ќе тече и наредните години“, рече Скепаровски.
Министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека Колективниот договор очекува да биде потпишан следната недела со синдикатите, а додаде и дека во идниот период ќе продолжат инвестициите во науката.
„Оваа година во споредба со минатата година имаме 12% повеќе финансиски средства за наука и во идниов период ќе работиме на системско финансирање на лабораториите коишто се акредитирани, а оние кои не се акредитирани да успееме да станат акредитирани на факултетите и да продолжат да создаваат наука којашто е апликативна и ќе приденесе за целокупниот развој на нашата држава“, рече Царовска.