На вчерашната седница, Владата усвои информација за вработувања на 600 приватни специјализанти кои ќе работат во Јавните здравствени установи во државата.
Министерството за здравство е задолжено да ги формулира критериумите по кои ќе се вработат специјализантите во две фази, во наредните две години по 300 лица годишно.
„На овој начин ќе се даде шанса за млад здравствен кадар во македонското здравство, активно ќе се влијае за намалување на метежот во здравствените институции и ќе се излезе во пресрет на долгогодишните барања за доекипирање на здравството“, велат од Владата.
Приватните специјализанти денеска се на средба со министерот за здравство Арбен Таравари каде е најавено дека ќе ги разговараат деталите за одлуката.
Инаку, приватните специјализанти во изминатиот период постојано бараа подобри услови за работи и повисоки примања. Тие организираа неколку протести, а во април, годинава стапија и во генерален штрајк.