Владата нема реализирано скоро ништо од ветените образовни реформи

Владата ќе развива квалитетно образование достапно на сите; образование кое ќе создава кадри кои ќе размислуваат логички и критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти и анализи. Сакаме образование што ќе изгради личности кои ќе ги почитуваат и негуваат граѓанските права, толеранцијата и различностите, ќе се воспитуваат и образуваат во духот на мултикултурализмот и ќе се оспособат за позитивен одговор на побарувачката на пазарот на труд.

Со овие зборови почнуваат ветувањата во делот образование во Програмата на Владата за периодот 2020-2024. Но, токму образованието претходниве три години беше центар на многу контроверзии, проблеми и предизвици.

Мандатот на Владата би требало да заврши следното лето, на нешто помалку од една година отсега. Радио МОФ направи анализа на тоа колку денеска е исполнето од она што беше напишано на хартија. Од она што го утврдивме, од образовните реформи досега само многу мал дел е делумно реализиран.

Во продолжение погледнете ги подетално сите ветувања дадени во Програмата на Владата и нашите оценки за нивната реализација:

Ветување: За 3 месеци ќе завршиме со целосна анализа на резултатите од ПИСА тестирањето и конкретните препораки кои од тоа произлегуваат за вистински и ефикасни реформи во образованието. Ќе организираме тестирања слични на ПИСА во секое полугодие и секое училиште. Овие тестови ќе бидат анонимни и нема да влијаат на оценките за учениците ниту наставниците, но ќе помагаат на училиштето и на педагошката служба да изработат конкретни мерки за подобрување на образованието во секое училиште. Воедно, така ќе го намалиме стресот од тестирање кај учениците. Ќе ги поканиме сите општини да се вклучат во оваа задача и да ја поддржат.

Резултатите од ПИСА тестирањето од 2018 година беа голема шлаканица за македонското образование, кога средношколците од Северна Македонија повторно беа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки.

Државава се најде на 67-то место од 77 земји во светот според читање, на 67-то место од 78 држави и провинции по математика и на 63-тото место од 78 земји според знаењата по природни науки. Од регионот полош резултат единствено имаа учениците од Косово.

С. Македонија учествуваше во ПИСА тестирањето во 2022 година, за кое резултатите се` уште не се објавени, но најавите дека секое полугодие ќе има тестирања слични на ПИСА во сите училишта не се остварија. Единствено пробно тестирање од ваков тип се реализираше во 2021 година, кога средношколци од 13 средни училишта електронски учествуваа во тестирање слично на ПИСА. Оттогаш нема информација дека вакви тестирања се случуваат по македонските средни училишта.

Оваа година 4.900 ученици беа дел од ТИМСС тестирањето – Меѓународна студија за трендовите во знаењата и способностите на учениците по математика и природна група предмети, во кое беа опфатени 150 основни училишта од земјава. Тестирањето беше прекинато на одреден период поради штрајкот на вработените во Државниот испитен центар.

Во мај беа објавени и резултатите од ПИРЛС тестирањето од 2021 година, на кое македонските четвртооделенци се најдоа на 34-тото место од 43 држави од светот според читање. Учениците во просек имаа 442 поени, што е под границата од 500 поени кои во истражувањето се земени како средишна просечна точка од која државите отстапуваат позитивно или негативно. Во споредба со регионот и на ова тестирање македонските ученици подобри беа само од нивните врсници во Косово, додека покажаа послаби знаења од врсниците од Црна Гора, Албанија, Србија, Словенија и Бугарија.

Ветување: Ќе продолжиме да инвестираме во мотивирани наставници. Владата ќе инвестира во кариерен развој и унапредувањето на наставниците. Платите ќе ја вреднуваат и надградбата на кадарот. Во соработка со меѓународните партнери, ќе го лоцираме најсоодветниот модел за вреднување на трудот и квалитетот на наставниците. Со новите правилници, наставниците ќе имаат повисоки плати доколку имале обуки и стекнале нови компетенции. Дополнително ќе ја намалиме административната работа на наставниците, со цел тие потполно да се фокусираат на учениците и образовниот процес. Во поддршка на подобар наставнички кадар, Владата ќе понуди стипендии за одлични студенти на факултетите за наставници.

По бројни преговори, штрајкови и протести, во овој мандат Владата и синдикалните организации на двапати постигнаа договори за подигнување на платите на просветните работници. Еднаш во 2022 година, кога се договори платите да се зголемат за 15% и уште еднаш со новиот Колективен договор, каде платите на целиот јавен сектор беа подигнати за 10%.

Сепак, високата инфлација драстично ги зголеми трошоците за живот, па овие покачувања значително не ја подобрија економската состојба на наставниците и професорите. Пред почетокот на новата учебна година, претседателот на Независниот синдикат на образование и наука (НСОН) сподели дека меѓу вработените во основните и средни училишта постои огромно незадоволство од платите, додавајќи дека просветните работници добиваат пониски плати во споредба со државниот просек.

„Наставник, стручен соработник во основно образование добива плата од 29.200 денари, а сите знаеме дека просечната плата во државата е 35.500 денари. Доколку се спроведе во целост колективниот договор, онака како што е напишан, на ист начин на којшто јавните функционери го испочитуваа законот и си ги зголемија платите за 78 проценти, почетната плата на просветните работници треба да биде 2.5 пати повисока од минималната плата. Тоа е според закон“, рече Томислав Гиевски од НСОН.

Ветување: Ќе донесеме Национална стратегија за дигитализација на образованиот систем. Со тоа ќе ја дефинираме и озакониме наставата од далечина како можно алтернативно решение за учење со примена на средставата за електронска комуникација без физичко присуство на чинителите. Еден владин тим целосно ќе се посвети на развојот на дигитални форми и содржини во образованието. Со помош на домашните програмерски куќи и поддршка од информатичко-техничките факултети ќе креираме централна национална платформа со двонасочна комуникација, база со примери на добри пракси, наставни планови и програми, електронски учебници, електронски портфолија на наставниците, електронско досие на учениците и сл. педагошка евиденција и документација која ќе биде user friendly за примена од страна наставниците, учениците и родителите, но и од образовните институции. Така ќе ја подготвуваме следната генерација за новото време и технологии, а воедно ќе имаме зголемен капацитет за справување со кризи од типот на последната пандемија.

Ветувањето за Национална стратегија за дигитализација на образовниот систем последен пат може да се најде како се споменува од страна на властите во септември 2020 година, кога образованието беше под силен удар на пандемијата со КОВИД-19. Тогаш, претходната министерка за образование, Мила Царовска, изјави дека дигитализацијата на образованието е прироритет и дека ќе се изготви ваква стратегија. Три години подоцна, не може да се најде никаква информација околу тоа до каде е овој процес.

„Иако Владата во повеќе официјални документи од последните 3 години наговестува креирање на Национална стратегија за дигитализација на образовниот систем, истата сѐ уште не е достапна за јавноста. За ефективна и сеопфатна дигитализација на високото образование, потребна е национална стратегија во чија подготовка ќе учествуваат сите засегнати страни (министерство, универзитети, студенти, граѓански организации). Потребно е активно учество од претставници на секој државен факултет, бидејќи универзитетите се состојат од бројни факултети со различни наставни програми, правилници, потреби и степени на развој во однос на дигитализација“, се наведува во документот за јавни политики “Дигитализација на високото образование – предизвици и можности“ кој минатата година го подготви Младински образовен форум (МОФ).

Ветување: Образовната реформа ќе значи фокус на логичкото размислување и решавање на логички задачи базирани на анализи кои ќе започнат уште во првиот циклус на деветгодишното основно образование. Дополнително, ќе се ангажираме за промоција на целодневно учење.

По многу дискусии, натегања, дезинформации и негодувања од дел на јавноста, во март 2021 година Владата ја усвои новата Концепција во основното образование, со која требаше да се промени пристапот во едукацијата, со фокус на смислено учење базирано на критичко мислење и логичко заклучување со учење низ интересен, динамичен, игровен и ефективен начин.

Од Бирото за развој на образованието лани забележаа дека има подобрување на критичкото размислување кај учениците, но и дека на училиштата им недостасува опрема за соодветна реализација на новите наставни програми, а ваквите проблеми продолжија и во новата учебна година.

Сепак, можеби најдобра оценка за образовната реформа даде еден од нејзините креатори. Професорот Кирил Барбареев неодамна изрази разочараност од имплементацијата на Концепцијата за основно образование, која се загубила помеѓу политичките калкулации, лошите потези на МОН и општата незаинтересираност за реформа.

„Таа на некој начин е веќе и пропадната. Според мене, вака како што оди ова е далеку од реформа. Тоа не е ниту 5 проценти од она за кое јас сум верувал дека треба да биде“, наведе професорот за Призма.

Ветување: Ќе ја промениме методологијата за пишување и издавање учебници. Ќе се преиспитаат одредени учебници поради застареност на содржините, несоодветност на јазикот и стереотипи кои мора да ги надминуваме. Ќе воведеме електронски учебници на сите наставни јазици достапни за секој ученик

Секоја нова учебна година започнуваше со некаков проблем со учебниците. Најпрво Владата се повлече од најавените дигитални учебници по револт и протести кај дел од јавноста, додека последниве две учебни години на стартот на учебната година доцнеа и хартиените учебници.

Комисијата за заштита од дискриминација утврди дека на почетокот на оваа учебна година недостасуваат 43 учебници по различни предмети во основното образование и најави тужба против МОН поради овој проблем.

Во врска со новите учебници, дури и кога тие не доцнеа, тогаш во нив имаше грешки. Министерството вети нов учебник по „Историја и општество“ за петто одделение поради тоа што во него се забележаа еден куп погрешни информации, а реагираа и експертите во областа. Реакции имаше и за учебникот „Албански јазик“ за петто одделение, каде меѓу примерите на кратенки се најде и политичката партија Демократска унија за интеграција, што револтираше дел од јавноста.

Покрај тоа што процесот на нови учебници поминува со бројни проблеми, Владата го нема целосно исполнето ниту ветувањето дека ќе се воведат електронски учебници кои ќе бидат достапни за учениците на сите наставни јазици. Доколку се погледне сајтот e-ucebnici.mon.gov.mk може да се види дека и понатаму недостигаат голем број на учебниците од кои треба да учат основците и средношколците.

Во основното образование состојбата е најдобра, каде поголемиот дел од предметите имаат достапни електронски учебници. Најголем проблем во моментов е кај учебниците за шесто одделение, каде има електронски учебник само за еден предмет, како и за трето одделение, каде недостигаат повеќе учебници, особено оние на јазиците од немнозинските заедници.

За средно гимназиско образование има само еден достапен електронски учебник за втора година (од вкупно преку 30-тина учебници), за трета година има исто така само еден предмет со електронски учебник, додека за четврта година нема ниту еден. Кај стручното образование, иако има поголем избор на електронски учебници, исто така во многу насоки недостасуваат голем број учебници.

Ветување: Во буџетот на Министерството за образование и наука и ФИТР ќе обезбедиме програма за поддршка на продукција на видео-клипови како училишни материјали со содржини и теми од предметите, за што ќе можат да конкурираат сите наставници од основно и средно образование. На тој начин може да ги стимулираме наставниците покреативно да пристапуваат на наставата, да користат искуства на други и повеќе да ги заинтересираат учениците дури и за содржини кои им се далечни. Воедно така ќе создадеме и подеднакви можности за учење во развиените и во неразвиените региони.

Ваква програма за продукција на видеоклипови од страна на наставници кои би се користеле како училишни материјали не успеавме да најдеме ниту во буџетот на Министерството ниту на сајтот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).

Единствено нешто слично на ова беше видео-платформата Едуино, каде за време на пандемијата наставниците создаваа видеолекции за учење на далечина. Последните вакви лекции се направени пред две години, а на овој портал во последниов период има само серијал видеа „Еко училница“, во кои на интересен начин се прикажани повеќе експерименти поврзани со екологија, рециклирање, климатските промени и загадувањето. Сепак овие видео лекции се подготвени во склоп на посебен проект на Бирото за развој на образованието и Здружението „Еко Логик“ со финансиска поддршка од Шведска.

Ветување: Ќе ја преиспитаме формулата за финансирање на основните и јавните средните училишта. Ќе направиме функционална анализа на мрежата на средни училишта врз основа на потребите на пазарот на трудот и регионалниот економски развој.

Во врска со промената во финансирањето на основните и средните училишта, на почетоков на годинава МОН го претстави новиот систем на финансирање на основното образование според стандарден трошок по ученик. Според министерот Јетон Шаќири, постојната формула за распределба на блок-дотациите за основното образование меѓу општините не го зема во предвид тоа колку средства им се потребни на училиштата да обезбедат квалитетно образование.

„Новата формула има 4 компоненти, од кои првата односно основната компонента е заснована на трошоците по ученик. Со втората, варијабилна компонента, се обезбедуваат средства за превоз на учениците, како и за трошоци за ученици со посебни образовни потреби, за ученици од социјално загрозени семејства, како и за ученици кои следат настава на јазик на помалите етнички заедници. Третата компонента обезбедува средства за општините во периодот на прилагодување кон новата формула на финансирање. Последната е развојна компонента која ќе ги поттикнува училиштата да ги подобруваат резултатите од година во година, согласно конкретни параметри, доколку сакаат да добијат повеќе финансиски средства“, нагласи министерот Шаќири.

Сепак од Министерството засега нема најава кога оваа нова формула би започнала да се применува во пракса.

Одреден напредок има и во ветената анализа на мрежата на средни училишта. Според развојниот концепт креиран од МОН и УНДП изготвен во април 2022 година, во оваа насока е креирањето на трите регионални центри за стручно образование и обука (РЦСОО), кои беа формирани преку трансформација на средните стручни училишта „Моша Пијаде“ во Тетово, „Ванчо Питошески“ во Охрид и „Киро Бурназ“ во Куманово.

Ветување: Екипирање на стручните служби во училиштата за основно и средно образование со тимови од најмалку тројца соработници (педагог, психолог и дефектолог).

Пандемијата, заканите со бомби по училиштата, но и трагичните случувања во соседството повторно ја отворија пандорината кутија за грижата за менталното здравје и психолошката поддршка на учениците во нивното образование. Но, ова ветување Владата никогаш не го реализираше на некакво системско ниво.

Од МОН пред три месеци информираа дека во 362 основни училишта во државава има 308 психолози и 304 педагози, а во 108 средни училишта се вработени 102 психолози и 100 педагози, додавајќи дека во сите училишта има вработено барем едно лице стручен соработник (педагог, психолог, социолог, специјален едукатор и рехабилитатор…), а често има повеќе. Сепак еден стручен соработник во секое училиште е далеку од ветувањето за екипирање на училиштата со тимови составени од педагози, психолози и дефектолози.

Кога е во прашање инклузијата во образованието, тоа низ годините претежно се туркаше преку проекти, невладиниот сектор и меѓународни организации. Иако работите последниве години се помрднуваат во позитивна насока, тоа и понатаму е голем проблем за учениците со атипичен развој. Министерот Шаќири пред првиот школски час во новата учебна година се пофали дека за децата со атипичен развој ќе има 800 образовни асистенти, но училиштата и понатаму се мачат со обезбедување адаптирани простории или сензорни соби, материјали за работа и дидактички средства. И оваа година без можност за образовни асистенти останаа средношколците со атипичен развој, кои и понатаму чекаат на носење на новиот закон за средно образование кој евентуално би вклучил вакви сервиси кои би им биле од помош.

Од „Младите можат“ велат дека менталното здравје е слабо застапена тема во средните училишта и дека е потребна реформа на училишните психолози. Според нив потребно е зголемување на стручноста и бројот на психолози и педагози, додека важно е да се развиват добросостојбата, резилиентноста, поврзаноста и инклузијата, наспроти постојаниот фокус на дисциплината и постигањата.

Ветување: Владата ќе ги финансира нашите најдобри ученици и студенти. Ќе обезбедиме финансиска поддршка на ученици и нивни ментори за учество на меѓународни олимпијади и натпревари, а со закон ќе обезбедиме и парични награди за првите три освоени места. Ова веќе е започнато преку Фондот за иновации и технолошки развој ФИТР каде што направивме посебна програма за поддршка на учеството на младите на натпревари и научни саеми. Ќе креираме награда за млади научници.

Со законите за основно и средно образование веќе беа предвидени парични награди за учениците кои освојуваат прва награда на државни или една од првите три награди на меѓународни натпреварувања, а со новиот Закон за основно образование се предвидоа и средства за котизација на меѓународни натпреварувања. Финансирање на учество на меѓународни натпреварувања, пак, нема предвидено во актуелниот Закон за средно образование, што често резултира средношколци и нивни ментори да пропуштаат. да бидат обесхрабрени да учествуваат на важни европски и светски натпревари, или пак самите да ги покриваат високите трошоци за превоз и сместување на овие патувања.

Дополнително, не е реализиран последниот дел од ова владино ветување, бидејќи во државава се` уште не постои награда за млади научници. Единствено нешто слично на тоа е наградата „Успешни млади“ која ја доделува претседателот, а не владата, МОН или некоја друга владина институција.

Ветување: Ќе изградиме или реконструираме основни и средни училишта во Аеродром, Скопје, Студеничани, Бутел, Велес, Тетово, Чучер Сандево, Чаир, Кисела Вода, Куманово, Арачиново и други. Ќе ги опремиме регионалните центри за стручно образование и обука (VET центри) во Тетово, Куманово и Охрид. Ќе ја изградиме математичко-информатичка гимназија и Универзитетскиот кампус „Мајка Тереза“ во Скопје. Ќе вршиме изградба, реконструкција, санација и обезбедување на енергетска ефикасност на студентските домови; Ќе планираме изградба на спортски сали во повеќе училишта каде тоа недостига.

Во теков на изминативе години Министерството информираше за бројни реконструкции на училишта низ Македонија, а беа пуштени во употреба нови училишта во општините Тетово, Желино, Илинден и Чучер – Сандево, а во тек е изградба на нови училишта во Бутел и Чашка.

Шест години по основањето, Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје се` уште нема свој објект. Кон крајот на минатата година започнаа градежните активности за изградба на универзитетскиот кампус, но очекувањата на министерот Шаќири дека целиот наставно-научен процес ќе се префрли во новите простории од следната академска година најверојатно нема да се исполнат.

Во врска со изградба, реконструкција или санација на студентските домови, тој процес се одвива многу бавно. Додека уште се чека на пуштањето во употреба на новиот студентски дом во Тетово, кој се ветува уште од 2016 година, нема некоја голема динамика во санирањето на постоечките домови. Веќе пишувавме за лошата состојба во која се наоѓаат домовите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје, чија реконструкција треба да започне во втората половина на 2023 година, а пред нецела година имаше и бројни жалби од студентите од „Стив Наумов“ на мизерните услови во кои престојуваат.

Ветување: Ќе формираме оддел за научни истражувања во рамките на Фондот за иновации и технолошки развој. Од буџетот на одделот ќе се финансираат национални научно-истражувачки проекти што ќе ги зајакнат капацитети на универзитетите и научните институти со ставање во функција на постоечката научно-истражувачка опрема. Одделот ќе се формира во 2020 година, со цел во 2024 година вкупното издвојување за наука да биде до 1,5%.

И покрај безброј политички ветувања за поголеми инвестиции во научни истражувања, реалноста е дека парите кои државата ги издвојува за наука се намалуваат од година во година.

Земјава стои прилично лошо и кога ќе се спореди со регионот. Бројките за вложување во истражување и развој како процент од БДП покажуваат дека С. Македонија е многу далеку зад просекот на ЕУ, а длабоко заостанува и зад државите од окружувањето како Словенија, Грција, Хрватска, Србија и Бугарија. Единствено полоши во регионот се Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Но, запоставувањето на науката не е само впечаток базиран на буџетските цифри. Во истражувањето Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди, објавено на крајот на 2021 година, квалитетот на науката во Северна Македонија од академскиот кадар е оценет многу ниско. На скала од 1 (најлошо) до 5 (најдобро), издвојувањето средства за научно истражувачка работа од страна на државата добил оценка 1,4.

Од достапните информации нема никаков податок дека во Фондот за иновации и технолошки развој досега е формиран посебен оддел за научни истражувања. Од финансирање на универзитетите може да се издвои минатогодишниот предизвик „MAKERSPACE“, во кој се поддржани лаборатории за истражувања на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот во Тетово и Универзитетот на Југоисточна Европа – Тетово со вкупно околу 240 илјади евра.

Според податоците на УНЕСКО за 2021 година, С. Македонија издвоила 0,38% од бруто-домашниот производ на истражувања и развој. Ветувањето дека до 2024 година за наука би можеле да се вложат 1,5% се далеку од остварливи, а со оглед на искуството и динамиката со која растат буџетските расходи, ова ветување тешко ќе се оствари и во следната деценија.

Ветување: Поставување на механизми за конкурентност и евалуација во високото образование согласно критериумите на Шангајската листа и рангирање на универзитетите со цел зголемување на квалитетот на високото образование (…) Финансиска и техничка поддршка на проектните тимови од универзитетите во меѓународните програми. Промени на законодавството за финансиско работење кај меѓународните проекти за поедноставна реализација.

Не само што ги нема на Шангајската листа, туку македонските универзитети редовно тонеа на меѓународните рангирања. Најголемиот универзитет, „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје остана далеку зад најголемите универзитети во регионот и стагнира или назадува на листите кои ги анализираат високообразовните достигнувања.

Истовремено, бројот на дипломирани студенти во високото образование во Македонија е во постојан пад, додека бројот на запишани студенти се стабилизираше по драстичниот пад во споредба со периодот пред десетина години.

Ништо конкретно не е направено и во евалуацијата на високото образование. Одборот за евалуација при Агенцијата за квалитет на високото образование, кој започна да функционира на почетокот на 2021 година, досега само има изготвено правилник за стандардите и постапката за надворешна евалуација и самоевалуација. И две и пол години по основањето, овој Одбор досега нема извршено ниту една евалуација на високообразовните институции, а според последниот шестмесечен извештај планирано е првите вакви евалуации да се извршат до крајот на годината.

Ветување: Ќе понудиме државни квоти за постдипломски студии во државата за оние студенти кои имаат завршено додипломски студии според ЕКТС за да можат да стекнат 240 кредити. Освен стипендирање на студентите на додипломски студии, ќе воведеме и стипендирање на магистерски студии од дефицитарните струки, како и стипендирање на талентирани студенти што ќе овозможи задржување на младите да студираат во земјата.

Државни квоти за постдипломски студии нема, додека стипендиите за магистрите и докторантите траеја само една година – во академската 2021/2023 година и потоа тивко беа укинати. Сепак тој едногодишен „излет“ со стипендиите добро им послужи на политичарите при фалењето дека студентскиот стандард се унапредува.

Ветување: За секое дете, членството во библиотека ќе биде бесплатно.

И ова владино ветување засега останува нереализирано. Според ценовниците на библиотеките низ државата може да се забележи дека членството за учениците и понатаму се наплаќа на годишно ниво и варира од библиотека до библиотека. На пример во Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје годишната членарина за ученици до IX одделение чини 150 денари, а толку чини и членарината во Библиотеката „Гоце Делчев“ во Штип. По 200 денари наплаќаат библиотеките во Битола, Велес, Прилеп, Струмица и Охрид. Во кумановската Библиотека „Тане Георгиевски“ членарината за деца изнесува 200 денари, додека постои опција и за групно зачленување основци од 150 денари.

Според последните податоци на Државниот завод за статистика бројот на членови на библиотеките низ Македонија последнава деценија речиси се преполовил, од речиси 155 илјади членови во 2013 година, на скоро 84 илјади членови лани. Уште позагрижувачки е што драстично е намален бројот на позајмувања на книги и библиотечен материјал – од 6,4 милиони во 2010, на 1 милион користења на библиотеките минатата година.

Ветување: Целта на Владата е да се искорени детската сиромаштија и да се постигне 60% опфат на децата од 3 до 6 години во предучилишна грижа и воспитување до крајот на 2024 година.

С. Македонија е се` уште далеку од постигнување на целта од 60% опфат на децата во предучилишно образование. Иако претставници на власта постојано се фотографираат на отворање нови градинки и се фалат дека се зголемува опфатот на деца во предучилишна возраст, бројките ги побиваат.

Според Државниот завод за статистика во 2019 година имало вкупно 38.094 деца во градинките и центрите за ран детски развој, додека според последните податоци, во 2022 година, оваа бројка се намалила на 35.932 деца.

Доколку оваа бројка се стави во сооднос со вкупниот број на деца на возраст од 0 до 6 години, според последниот Попис, тогаш опфатот на децата во предучилишно образование минатата година изнесувал 25,6%, што е многу далеку од поставената цел – 60%.

Премиерот Димитар Ковачевски, пред помалку од еден месец, изјави дека од 2017 година досега биле изградени и отворени вкупно 81 нови објекти за предучилишно образование и 12 центри за ран детски развој.

„На ваков начин овозможивме пристап за нови над 5.800 деца во системот за предучилишно образование и сме на чекор од остарување на нашата програмска цел, а тоа е до 2024 година опфатот на деца во градинките и во центрите за ран детски развој да го зголемиме за нови 7.500 места. Ова е најдобар показател за нашата посветеност во вложувањата во развојот на децата, како наш најдобар влог и инвестиција во иднината на земјата“, рече премиерот при отворање на нови простории во градинка во Пробиштип.

***

Доколку се направи пресек, од вкупно 15 дадени ветувања во сферата на образованието, досега Владата нема целосно реализирано ниту едно, додека 9 ветувања се нереализирани. За шест од ветувањата се одлучивме да дадеме оценка „делумно“ бидејќи постојат некои чекори преземени во таа област. Сепак и овие ветувања не се целосно остварени и потребно е уште работа за да се реализираат до крај.

Се обидовме да ја контактираме и Владата. Испративме прашања за сите поединечни ветувања од нивната Програма, за тоа зошто не се реализирани досега и дали воопшто има план да се реализираат. За жал, до објава на текстот не добивме никаков одговор.

Дел од најавените реформи веројатно беа жртва на пандемијата, друг дел пак заглавија поради инфлацијата и ценовните шокови што ги принуди властите на жонглирање со буџетските средства за справување со последиците од кризата. Сепак, оставаме простор и за некакво позитивно помрднување, особено бидејќи останува уште една година за Владата да почне да го реализира тоа што им го ветила на граѓаните.

Даниел Евросимоски