Реформи во судството, јавната администрација, услови за фер и демократски избори, поголема отчетност на работата на Парламентот, кохабитација со Претседателот и поголема соработка со граѓанското општество, се дел од предложените приоритетни мерки во новиот план на Владата наречен „3-6-9“, а кој денес го најавија премиерот Зоран Заев и заменик министерот на владата задолжен за евроинтеграции Бујар Османи. Овој план треба да го подобри квалитетот на животот во државата, а со тоа да ја доближи државата до ЕУ и НАТО.
Планот ги опфаќа реформите што треба да се спроведат во наредните 3, 6 и 9 месеци. Добар дел од нив произлегуваат од Програмата за работа на Владата 2017-2020 и од документот подготвен од група граѓански организации насловен како „Предлог за Итни демократски реформи“ (Блупринт). Сепак, планот ги изостави младите и политиките што ги засегаат.
Во делот на граѓанското општество, Владата ветува дека ќе го третира како рамноправен партнер и коректор на нејзините одлуки, со целосно право, граѓанското општество да учествува во градењето на политиките, да сугерира и критикува. Владата има намера дијалогот со граѓанското општество да биде континуиран, транспарентен и целосно инклузивен.
„Воспоставување функционален Совет за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор, преку изменување на Одлуката за формирање на Совет за соработка и повторување на постапката за избор на членови на Советот во консултации со граѓанскиот сектор. Спроведување истраги за заплашување и притисоци врз граѓанските организации (односно да се истражат сите пријави за говор на омраза, напади, притисок). Воспоставување електронска база на податоци на доделените средства за граѓанските организации од Буџетот на Владата на Република Македонија за периодот 2012 – 2016 година, во која ќе бидат внесени сите донесени одлуки“, се дел од предложените итни владини реформи.
Во делот на медиумите, пак, Владата соопшти дека ќе го стопира комерцијалното рекламирање, ќе го зајакне и целосно професионализира јавниот радиодифузен сервис и ќе ги отвори сите информации за јавноста кои се од јавен карактер и јавен интерес. Нејзин интерес ќе биде и преглед на сите досегашни случаи на физички и вербални напади и притисоци, говор на омраза врз новинарите.
„Донесување Одлука на Владата за стопирање со владини реклами на комерцијалните радиодифузери (со исклучок на социјални медиуми) и пренесување на комуникацијата со граѓаните преку јавниот радиодифузен сервис. Објавување на сите трошоци за рекламирање на Владата и објаснување на критериумите за избор на медиумите за периодот 2008-2017, во форматот доставен од Европска комисија. Одржување јавна консултација со медиуми, медиумски здруженија и граѓански организации. Подготвување предлог – измени на Закон за медиуми и Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, како и подготвување предлог – измени на законска регулатива кои ќе обезбедат избор на членови на Советот на Агенцијата за аудио визуелни и медиумски услуги (ААВМУ), врз основа на заслуги“, се споменува во предлозите на Владата во однос на медиумите.
Како еден од клучните приоритети на владата е реформа на јавната администрација. Главна цел ќе биде деполитизација и професионализација на администрацијата, и градење на квалитетна и сервисно ориентирана администрација која ќе функционира и работи во подобрени работни услови, користејќи ги сите можности на современ пристап преку е-влада, е-услуги и интероперабилност.
„Владата ќе донесе Одлука за декласификација на сите документи од интерес на јавноста. Укинување на одлуката за утврдување на надоместок за материјални трошоци за дадена информација, од имателите на информации. Ревидирање на Регистарот на иматели на информации од јавен карактер и лица надлежни за слободен пристап до информации од јавен карактер во сите институции и задолжување на институциите да ги објават на веб страните документите од јавен карактер“, стои во планот.
Меѓудругото, ќе продолжи процесот на ажурирање на Регистарот на вработени во јавниот сектор со цел да се објави вкупната бројка на вработени по сектори.
Во делот на изборите, Владата се обврзува дека нема да се дозволи заплашување и притисок врз администрацијата, со охрабрување да се пријавуваат евентуалните случаи на притисок до надлежните органи при што ќе следи суспензија на раководните лица доколку се утврди злоупотреба. Дополнително, Владата ќе донесе мерки со кои ќе ги спречи учесниците и кандидатите да користат државни ресурси за време на изборниот период (користење на службени возила, репрезентација, службен канцелариски простор и административни капацитети). Препорачува седниците на Државната изборна комисија да бидат отворени за јавноста, во насока на зголемување на транспарентноста во нивното работење, а во соработка со МВР да продолжи тековното ажурирање на Избирачкиот список.
Во делот на работата на Собранието, Владата ќе се фокусира на целосна поддршка на сите мерки за враќање на демократскиот амбиент, низ политички дијалог и соработка со сите парламентарни партии и особено со опозицијата.
„Заради зајакнување на отчетноста, Владата му предлага на Собранието, покрај редовните, да воведе и тематски пратенички прашања, еднаш неделно во траење од еден час, задолжително елаборирање пред собраниските тела на предлог законите од страна на Владата на експертско ниво, зајакнување на улогата и учеството на претставници на граѓанското општество, во работата на работните тела на Собранието, реактивирање на Клубот на жени пратенички и реактивирање на Постојаната анкетна комисија за човекови права“, се вели во планотѕ „3-69“.
Во делот на судските реформи, Владата ги прифаќа забелешките и препораките на Европската комисија и на Советот на Европа (Венецијанската комисија и ГРЕКО), со што на краток, среден и долг рок се обврзува да изгради независен, непристрасен, професионален и ефикасен судски систем. На краток рок, Владата ќе направи целосна ревизија на Нацрт Стратегијата за реформа на правосудниот систем и ќе започне да гради атмосфера на слободно судство, без политички притисоци, со цел да обезбедиме простор и за неопходните законски измени на среден и долг рок.
Покрај овие реформи, Владата се обврзува и во унапредување на разузнавачките и безбедносните служби, борбата против организираниот криминал и корупција да ја пренесе од хартија во пракса, како и да ги започне преговорите со Европската комисија за Статусниот договор за (ФРОНТЕХ) Европската служба за гранична и крајбрежна стража.
Предложените мерки од првата група, содржани во овој План, треба да се реализираат до локалните избори. Останатите мерки кои подетално ќе се разработат од страна на надлежните институции, ќе влезат во втората и третата група мерки кои треба да се реализираат до ноември/декември или пред одржувањето на Советот на ЕУ во декември, како и оние кои ќе треба да се реализираат до март наредната година, или до објавувањето на следниот редовен Извештај на Европската комисија за Македонија.