Владата до Собранието предложила измени на Кривичниот законик по скратена постапка со кои се предвидува намалување на затворските казни за злоупотребата на службената должност и овластувања кои денеска се на дневен ред на Комисијата за европски прашања.
Според предлогот се менуваат делови од членот 353 каде што службените лица, кои при злоупотреба на службената положба прибавиле значителна имотна корист или нанеле значителна штета, од досегашната казна од најмалку три години затвор, се предлага да се казни со затворска казна од една до четири години, со што се поставува горна граница и се отвора можност за побрзо застарување на делата.
Дополнително во предлогот го нема ставот 5 од членот 353 во кој се предвидува најмалку пет години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување при јавни набавки или оштетување на Буџетот, јавните фондови или други средства на државата. Наместо тоа се предлага нов став со кој „прибавената имотна корист се одзема“.
Во членот 353-в, кој ја опфаќа темата за несовесно работење во службата, се предлага менување на казната за службеното лице или одговорно лице во јавно претпријатие или јавна установа кое несовесно постапува во своите овластувања и должности и со тоа прибавува значителна имотна корист или предизвикува значителна штета, наместо досегашните најмалку три години затвор би му следувало од шест месеци до пет години затвор.
Се предвидуваат и пониски казни за злосторничко здружување па наместо досегашните казни од една до десет години затвор се предлагаат од една до три години затворска казна за оној кој ќе создаде група или банда за вршење кривични дела. Дополнително, припадниците на ваквите злосторски здруженија наместо досегашната казна затвор од шест месеци до пет години би добивале најмногу до две години затвор.
Од Владата, во образложението за предложените измени на Кривичниот законик велат дека се работи за усогласување со актите на ЕУ, како и за некои ургентни прашања, кои сметаат дека треба да бидат итно регулирани:
„Веќе подолг временски период се изготвува новиот Кривичен законик. Во него посебно внимание е посветено на усогласувањето со меѓународните стандарди, а посебно со актите на Европската Унија. Со оглед дека се работи за обемен и сложен процес, постапката за негово донесување и примена ќе трае подолг временски период, заради потребата за усогласување и донесување на повеќе поврзани и зависни закони со Кривичниот законик (Законот за кривичната постапка, Законот за судовите, Законот за јавно обвинителство, Законот за прекршоците, Законот за извршување на санкциите и др.). Во меѓувреме се појавија одредени ургентни прашања за кои сметаме дека би било целисходно да бидат регулирани за пократок период. Затоа, се издвоени некои ургентни прашања и е изготвен Предлог на Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик кој би бил донесен и чија примена би отпочнала за пократок период“, стои во образложението од Владата.
Во Предлог-законот доставен до Собранието стои дека тој е утврден на владината седница одржана на 29 август годинава. Во соопштението од Владата во врска со таа седница нема никаква информација околу предложените измени на Кривичниот законик.
Измените на Кривичниот законик треба да бидат разгледувани денеска од 13 часот на седница на собраниската Комисија за европски прашања. Сите материјали поврзани со овој предлог-закон се достапни на следниов ЛИНК.
Даниел Евросимоски