Владата прогласи 30-дневна енергетска кризна состојба – не се предвидени рестриктивни мерки

Владата денеска донесе одлука за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена, изјави министерот за економија Крешник Бектеши. Ова доаѓа по барање на Комисијата за проценка на енергетскиот сектор формирана од ресорното министерство.

Операторот МЕПСО претходно изготвил извештај за проценка на стабилноста на македонскиот електро-енергетски систем во кој се проценува дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и на состојбата на пазарот.

„Ваквата проценка на ризици се темели на неколку основи, заради капацитетите на домашното производство, но, истовремено и заради зголемените цени на странските берзи. Но, како што најавив и претходно, како единствена мерка која што произлегува од оваа одлука за прогласување на енергетска криза е да се вбризгуваат финансиски средства во енергетските компании се со цел да се стабилизира состојбата на пазарот со електрична енергија“, објасни Бектеши.

Тој е дециден дека донесувањето на кризната состојба е со цел да се подобри работењето на енергетските компании, односно да се зголеми нивната ликвидност. Бектеши посочи дека на енергетските компании ќе им се трансферираат околу 4 милијарди денари, се со цел, како што рече, да имаат и дополнителни средства за да бидат целосно подготвени и за зимскиот период, односно да има стабилно и континуирано снабдување со електрична енергија за граѓаните и индустријата.

Во меѓувреме, министерот истакна дека не се разгледуваат и предвидуваат носење рестриктивни мерки кои би влијаеле негативно во секојдневниот живот на граѓаните.

Според него треба да има одговорност за намалувањето на домашното производство на електрична енергија во земјава, но првично вели дека земјата треба да се справи со енергетската криза, а потоа да се донесат соодветни мерки и да се разговара за конкретна одговорност за тоа кој потфрлил.

Кризната состојба донесена со задоцнување, велат познавачите

Уредбата на Владата е донесена со задоцнување, вели за Радио МОФ Константин Димитров од Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ). Тој објаснува дека уредбата требало да се донесе порано, додавајќи дека очигледно Владата има други приоритети, додека енергетиката е во заден план.

Димитров појаснува дека во однос на снабдувањето со електрична енергија постојат пет нивоа кога се прогласува кризна состојба, додека земјава одамна се наоѓа на последното ниво.

„За да биде јасно, петтата, најголемата, е доколку државата има недостаток од над 40% електрична енергија, се прогласува кризна состојба. Ние произведуваме 50% само, 20% сме си купиле, а 30% без прашање земаме од европскиот преносен систем. Значи одамна го исполнуваме условот за кризна состојба, но ништо“, вели тој.

„Со таа уредба ќе почнеме полека да ја намалуваме потрошувачка, улично осветлување, излози, реклами, тоа е капка во морето. Макар да, нешто ќе помогне. И, една од најважните две работи, односно првата, државата може од буџетот да даде пари на две фирми кои што се нејзина сопственост, тоа се МЕПСО и ЕСМ кои што, јаки фирми, мецени во Македонија. Тие пред 4 години станаа загубари, значи се банкротирани. Ако се банкротирани, државата сега ќе земе кредит, или ќе плаќа од буџетот, иако не е предвидено за таа намена, ќе им додели пари за да си земат плата луѓето“, вели тој.

Во меѓувреме, тој е дециден дека со уредбата ќе се изземат од одговорност сите што навреме не обезбедиле електрична енергија, а потпишале договори со фирми, дека редовно и квалитетно ќе ги снабдуваат со енергија.

Дополнително, тој вели дека со неа ќе се плати и тоа што земјава, како што додава, без прашање земала струја.

„Знаете, кога ќе земете без прашање, недозволено, и четири, пет пати ќе ве опоменат да не го правите, тоа веќе е силување или не знам како да кажам, ама ќе го платиме тоа, дебело. Најавија дека на ден тоа чини 1 милион, проверете колку денови сме земале и колку ќе ја чини тоа Македонија, колку ќе ги чини граѓаните на Македонија, бидејќи Владата ги зема парите од граѓаните и со нив си игра како сака“, вели Димитров.

M.K.