Вкупно 1.540 евидентирани невработени лица ќе имаат можност да се вработат со четири владини мерки содржани во Оперативниот план за вработување за 2013 година, соопшти министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски.
Мерките предвидуваат субвенционирање на вработување, субвенционирање на вработување деца без родители, обука кај познат работодавач и обука кај познат работодавач со субвенционирање за што Владата има обезбедено 72,2 милиони денари, пренесе МИА.
„Со првата мерка за субвенционирање на вработување планирано е да се опфатат 500 невработени лица, од кои до 80 лица од ранливите групи кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот за кои во период од шест месеци ќе се обезбедуваат средства во износ од 13.000 денари месечно, а за ранливите групи како жртви на семејно насилство, деца без родители и родителска грижа, бездомни лица, самохрани родители износот кој ќе се исплаќа изнесува 17.000 денари месечно. По 3.000 денари ќе се исплаќаат кај работодавачот како партиципација за трошоците. За реализација на оваа мерка се предвидени околу 50 милиони денари“, истакна министерот Ристовски.
Огласите за вработување ќе траат до 1 март и се достапни на веб страницата на Агенцијата за вработување.