Владата на Република Северна Македонија на 162-та седница, одржана на 05.11.2019 година ја усвои Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам. Нејзината цел, како што соопштуваат од Владата, е да се подобри интеркултурната комуникација во Република Северна Македонија меѓу различните култури и заедници, како и преку неа да се спроведат препораките на меѓународните тела на Обединетите нации, Советот на Европа, Европската комисија, како и Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
За таа цел од Владата распишаа јавен повик за пријавување на претставници на граѓански организации и заинтересирани лица за учество во Мрежа за евалуација на имплементацијата и изготвување на Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам.
„Во согласност со определбата на Владата на Република Северна Македонија за партнерство со граѓанското општество во процесот на креирање и спроведување политики, како и директно и суштинско учество на граѓанските организации во изготвување на стратешките документи, ќе се формира Мрежа составена од претставници на институциите и граѓанското општество, која активно ќе учествува во процесот на подготовка на Стратегијата. Во периодот од септември до декември 2022 година, Мрежата, преку разни форми на консултации, дискусии, анализи и учество ќе направи детален мониторинг и евалуација и ќе подготви насоки и препораки кои ќе се вградат во новата тригодишна стратегија. Работата на Мрежата ќе биде комплементарна со Координативното тело“, велат од Владата.
Сите заинтересирани граѓански организации и лица кои сакаат да учествуваат во Мрежата, потребно е да се пријават со електронска порака на следната адреса, ednoopshtestvo@vlada.gov.mk во рамки на која треба да прикачат портфолио на граѓанската организација, односно CV за физичките лица на македонски или албански јазик.
Дополнителни информации може да се најдат на следниов ЛИНК.
Рокот за пријавување е до 30 август 2022 година (вторник), 16 часот.