Владата усвои сет итни мерки за градење отпорност и сајбер заштита на институциите на јавниот сектор

Владата денеска усвои сет мерки за подобрување на безбедноста на информациските системи во институциите кои ќе се имплементираат во најкраток рок во секоја институција од јавниот сектор, соопштија од владината прес-служба.

Овие мерки следуваат по серијата активности за координација со донаторите и чинителите во областа на сајбер безбедноста, велат од Владата и додаваат дека е со цел градење отпорност кај јавните институции кои се почесто се цел на сајбер напади, а чија цел е оневозможување на системите кои даваат услуги кон граѓаните и има директни, видливи и сериозни последици врз нивниот живот.

„Во таа насока, Владата ги задолжи органите на државната управа, а им укажа на институциите кои не се органи на државна управа, да определат лице одговорно за информациска безбедност во нивните организации со цел навремено пријавување на инциденти и размена на информации за инциденти, ранливост, закани и ризици поврзани со безбедноста на информациските системи до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT. Органите на државната управа исто така се должни, а на институциите кои не се органи на државна управа им се укажува, да достават одредени информации до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT, како би се регистрирале/ажурирале за услугите на Центарот“, велат од Владата.

Дополнително, оттаму посочуваат дека се задолжуваат органите на државната управа, а им се укажува на институциите кои не се органи на државна управа, сите вработени задолжително да се регистрираат и да завршат обука за сајбер безбедност за вработени во јавна администрација.

„Истовремено, органите на државната управа неопходно е да направат план за реализација и да ги предвидат финансиските импликации на мерките на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT. Владата му препорача на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT при Агенцијата за електронски комуникации да достави до Владата извештај за спроведена бесплатна надворешна сајбер-безбедносна проверка на веб-апликации на пријавените институции“, додаваат од владината прес-служба.

Увоените мерки се високо приоритетни заради заштита на ИТ системите на институциите од јавниот сектор, поради што Владата, како што посочија, препорача овие мерки да се имплементираат во најкраток рок во секоја институција во јавниот сектор, со првенствена цел да се заштитат системите за услуги кон граѓаните.