Докторот Владимир Чадиковски е прогласен за Маж на годината на настанот кој вчера се одржа во Скопје. Во присуство на голем број јавни лица од бизнис секторот, политиката и јавниот живот, беа наградени 10 најуспешни Мажи во Македонија, за 2018 година.
Признанието на Чадиковски му го додели жири комисија која ја сочинуваа членови од повеќе институции, новинари, претставници од бизнис секторот, режисери, стилисти. Докторот Чадиковски кој има импресивна кариера и е добитник е голем број признанија во светот, беше добитник и на уште една награда во категоријата Маж со најголем придонес во општеството.
Во категоријата Менаџер на годината за 2018 наградата ја доби Живко Мукаетов, сопственикот на Алкалоид, наградата Млад менаџер ја доби Душко Чифлиганец , а наградата за Маж странец во Македонија наградата отиде во рацете на Амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп. За наградата за Маж со најголем придонес во културата беше избран режисерот Ѓорче Ставрески, а за Маж со најголем придонес во спортот наградата отиде кај Кире Лазаров. Во категоријата за Маж со најдобар стил, наградата ја доби Министерот за надворешна работи, Никола Димитров, а за Маж со трајни вредности беше избран Трифун Костовски.
Идејата за реализација и организација на настанот е на единствениот онлајн машки магазин Friday.mk и агенцијата за организирање настани Momentum inc, а беше поддржан од Сојузот на стопански комори на Македонија и Агенцијата на менаџери на Македонија.