Ако сакате да проверите колку пари за службени цели потрошиле македонските функционери во 2022 година, таа информација нема да можете да ја најдете на владината алатка специјално направена за таа намена. На платформата за отчетност на носителите на јавни функции последните достапни податоци се од ноември минатата година.
Иако од Владата во минатото најавуваа дека оваа алатка првично ќе се ажурира на шест месеци, а потоа и на почести периоди, сепак веќе цела година нема нови податоци за тоа како македонскиот премиер, министрите или пак државните секретари во министерствата ги трошат јавните пари на граѓаните.
Дел од трошоците кои се објавуваат се и оние за угостителски услуги, чии суми често предизвикуваат полемики во македонската јавност. Владата во април минатата година усвои Одлука за начинот на користење и висината на износот на средствата за угостителски услуги, во која стои дека „податоците за расходите за угостителски услуги државните органи заради транспарентност и отчетност ги објавуваат на нивната веб-страна“.
При нашата проверка увидовме дека речиси ниту едно министерството или други државни институции немаат објавено вакви податоци на своите веб-страници. Единствено успеавме да најдеме дека вакви податоци редовно објавува Министерството за внатрешни работи, Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи и Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.
Но, и во овие случаи ваквите податоци се тешко да се лоцираат на веб-сајтовите, или пак се објавуваат нередовно.
На пример на сајтот на МВР нема никакво мени, копче или слика која ќе ви укаже каде се наоѓаат податоците за трошоците од угостителските услуги. Такво видливо копче нема ниту на сајтот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, а дополнително единствените податоци кои може да се најдат се за периодот од јануари до јуни 2022 година. Единствено кај Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош овие податоци се истакнати на релативно повидно место, во менито „односи со јавноста“, но таму можат да се најдат само две скенирани фискални сметки, од кои на едната не се гледа датумот, а другата е од ноември 2021 година.
При нашето пребарување не успеавме да најдеме податоци за трошоците од угостителски услуги од функционерите кај ниту едно друго министерство, или државна институција.
Во Одлуката објавена во Службен весник (страна 43) стои дека во случај на непочитување на одредбите од Одлуката се применуваат мерките од член 23 од Кодексот за етичко однесување на членовите на владата и носителите на јавни функции. Според овој член, премиерот може да изрече јавна критика до лицето кое не ја почитувало Одлуката и да укаже да го поправи своето однесување, да бара негова оставка или разрешување, или да покрене постапка пред надлежни институции.
Радио МОФ испрати прашања до Владата за тоа зошто нема нови податоци на алатката за отчетност на носителите на јавни функции, како и тоа дали имаат контрола колку државни институции ги имаат објавено информациите за трошоци од угостителски услуги на своите веб-страници. Дополнително прашавме и дали премиерот досега покренал некакво барање одговорност до оние што не го почитуваат ова задолжение.
Одговор добивме само на првото прашање. Од Владата велат дека поради промени во системот извесен период имало застој во ажурирањето на алатката, но дека без оглед на тоа податоците редовно се собираат и се обработуваат.
„Согласно заклучок на Владата објавувањето на податоците е предвидено на шест месеци. Изминатите денови беше објавен 10.циклус кој го опфаќа периодот од септември, октомври и ноември 2021 година, додека 11. Циклус, кој го опфаќа периодот од декември 2021 заклучно со август 2022 година, треба да биде објавен на почетокот на идната година. Дополнително ве информираме дека се работи на решение со кое институциите редовно и самостојно ќе ги внесуваат податоците со што јавноста навремено и постојано би имала увид во направените службени трошоци на министрите, замениците министри и државните секретари“, стои во одговорот од Владата.
Ова не е првпат да доцнат податоците за трошоците на државните функционери кои се објавуваат на владината платформа. Во 2020 исто така цела година не беа ажурирани податоците, додека минатата година забележавме одредени корекции во бројките откако побаравме од Владата да ни објаснат зошто во „пандемиската“ 2020 година функционерите направиле повеќе трошоци отколку во 2019 година.
Владата ја промовираше платформата во 2017 година. Првично за да ја прикажат разликата со службените трошоци на претходниот владин состав и на некој начин да се пофалат со тоа колку биле поекономични. Тогаш беше најавено дека извршната власт ќе се потруди оваа алатка да се применува и од законодавната и судска власт, како и од општинските функционери. Сепак, засега ниту една од овие други власти не се приклучи кон ваквата иницијатива.
Од досега објавените податоци од 2017 до 2021 година, може да се види дека 2018 година јавните функционери најмногу потрошиле, додека последните три години трошоците се речиси на исто ниво. Од функционерите за овие пет години најмногу службени трошоци направиле поранешниот премиер Зоран Заев (10,2 милиони денари) и Бујар Османи (9,6 милиони денари).
По нив следува поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров (8,3 милиони денари), додека во првите пет се наоѓаат уште и министерот за економија Крешник Бектеши, кој направил 4,4 милиони денари службени трошоци и поранешниот вицепремиер за економски прашање Кочо Анѓушев, кој потрошил 3,2 милиони денари.
Најголем дел од парите биле трошени за угостителски услуги во рестораните во рамки на институциите (26,5 милиони денари), авионски карти (21,8 милиони денари), хотелско сместување во странство (14,6 милиони денари) и ресторани и кафулиња надвор од институциите (14,2 милиони денари).
Поради тоа што податоците се заклучно со ноември 2021 година, нема податоци за трошоците направени од актуелниот владин состав кој профункционира на почетокот на годинава.
Даниел Евросимоски