Здруженијата на слободни граѓани за кои години наназад пишувале големите мислители, а кои се всушност главен дел на граѓанското општество се невладините организации. И неретко токму таквите активни и слободоумни луѓе за власта стануваат „непријатели број еден“, пишува Марија Тумановска во анализата на Радио Слободна Европа.
Моќта и улогата на граѓанските асоцијации никој не ја потценува, па обидот на власта преку различни директни или индиректни методи да го контролира нивното работење, не е непознато и кај нас. Но, не секој од активистите во невладиниот сектор смета дека власта се меша во нивната работа. Кога во 2009 година Собранието го донесе законот за невладините организации, претседателката на Македонскиот центар за европско образование, Лидија Димова го искина. Пред очите на целата јавност сакаше да покаже дека истиот е директен обид на власта да го контролира работењето на невладиниот сектор во земјава.
„На пример, ние сега имаме задолжително обврска да треба да се пререгистрираме и и како резултат на таа пререгистрација која божем требаше да биде бесплатна, а всушност се плаќаше, централниот регистер ни наплати на сите и тоа дебело ни наплати, значи тоа е прво. Второ, со новиот закон ние имаме обврска нашите финансиски извештаи да ги испраќаме во Влада, верувале или не, значи ние мораме да ја информираме владата што работиме и апсурдноста на законот е таква што дури владата треба да ни ги одобри“, вели Димова.
Токму во таа 2009 година во земјава постоеја околу 12.000 невладини организации, а последните статистички податоци заборуваат дека денес има 3.500, иако само дел од нив активно работат. Наспроти Димова, директорот на невладината коалиција „Сега“ Зоран Илиоски смета дека власта и на централно и на локално ниво, не сака и нема намера да влијае на политиките на граѓанскиот сектор.
„Ова го зборувам од досегашно искуство и од искуството во Коалицијата Сега која повеќе од 10 години работи и функционира на цела Македонија, не сме имале никакви притисоци од властите кои би имале цел да променат некое наше делување.“
Власта ги создава невладините организации, ќе рече Џабир Дерала од невладината Цивил. „Ги канализира своите потреби од граѓански сектор, токму според свои паравладини организации кои се разбира се само еден обичен сервис за власта, односно владата, тоа е неграѓанско и недемократско однесување.“
Постојат повеќе методи преку кои власта врши влијание во работата на граѓанските организации. Најчесто тоа го прави преку дискредитација на граѓанскиот сектор преку своите медиуми, вели Дерала.
„На тој начин се обидуваат да го намалат нивниот рејтинг, односно да ја намалат кредибилноста на нивните изјави и ставови. Понатаму се разбира постојат и многу други начини кои се посуптилни или помалку видливи во јавноста, а кои се однесуваат на притисоци од најразличен вид, почнувајќи од оние административни притисоци или попречувања, завршувајќи со тужби и посериозни притисоци коишто на невладините организации им го оневозможуваат или пак го успоруваат нивното делување.“
Во последниот период имаме тренд на создавање на невладини организации, преку кои власта ги канализира своите потреби од граѓанскиот сектор.
Активисти во невладиниот сектор посочуваат дека власта ги дели невладините организации на подобни и неподобни. Неодамна и министерката за внатрешни работи изјави дека постојат самонаречени невладини организации кои се инструмент во рацете на одредени политички структури.
„Инструментализирани самонаречени невладини организации или политичари, ниту имаат, ниту ќе имаат мандат личните фрустрации да ги лечат со уривање.“
„Многу често се случува нашите обраќања кои се засноваат врз основа на претставки од граѓани доставени до Хелсиншкиот комитет, да не добиеме соодветен одговор, да не се постапи по нашите барања или укажувања, притоа нашите изјави, нашите критики во функционирањето на одредени институции не наоѓаат на одѕив, не ноаѓаат дури на реакција од страна на владата.“
Целата анализа прочитајте ја на веб-страницата на Радио Слободна Европа.