Министерството за транспорт и врски усвои измени на Правилникот за урбанистичко планирање со коишто им ги „врзува“ рацете на општините кои сакаат преку ревидирање на спорни детални урбанистички планови да ги намалат површините за градба и на тој начин да го запрат процесот на „бетонизација“ во Скопје, објави samoprasaj.mk.
Како што пишува медиумот, камен на сопнување е членот 5 во измените во којшто под плаштот на „стекнати права“ се остава простор да се реализираат максималните вредности од веќе усвоените планови. Или, ако веќе еднаш се дадени максимални вредности, ќе се тера по тие.
„Во подрачја за кои има податоци за планирање и градење при одредување на максималните вредности на процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на земјиштето се применуваат вредностите на процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на земјиштето утврдени во важечките урбанистички планови, односно што биле уредени во претходните планови, затоа што се работи за претходно стекнати права со урбанистички план“, пишува во спорниот член.
Со оваа одредба всушност се создава простор процентот на изграденост којшто веќе еднаш бил утврден со ДУП да не може да се намали, со што се доведени под знак прашалник заложбите за озеленување на Скопје и зауздувањето на процесот на масовна градба на висококатници што се случува изминативе години, во корист на инвеститорите, а на штета на јавниот интерес.
Ваквите измени ќе создадат проблеми, посебно во урбаните општини, како на пример во Општина Центар каде што детални урбанистички планови се веќе донесени за речиси целата територија на Општината и каде што започна процес на ревизија на планирањето со цел да се создадат похумани услови за живот на граѓаните.
„Следува дека оптималните вредности на процент на изграденост и коефициент на искористеност не важат за територијата на Општина Центар, туку ќе важат максимално дозволените вредности со претходните детални урбанистички планови, дефинирани со измената и дополната на Правилникот како стекнати права. Со измената и дополната на Правилникот, односно со условувањето процентот на изграденост и коефициентот на искористеност да се задржат како стекнато право, веќе нема да може да се намалуваат површините за градба, туку само (доколку има услови) да се редефинираат“, велат од Општина Центар за „Само прашај“.
Целиот текст може да се прочита ТУКА.