Градоначалникот на Лос Анџелес, Ерик Гарчети вчера објави дека го овластува градот да ја исклучи водата и електричната енергија на имоти што се домаќини на големи забави, за кои рече дека станале „ноќни клубови“.
Во брифингот, Гарчети изрази загриженост во врска со пријавите за големи забави и собири со што се кршат мерките за јавно здравје и кои честопати се случуваат во домови што се празни или се изнајмуваат.
Почнувајќи од петокот навечер, рече тој, куќите, деловните објекти и другите места каде се одржуваат „недозволени големи собири“ ќе се соочат со посилни последици.
„Доколку полицијата реагира и потврди дека на некој имот се случува голем собир и гледаме дека ова се повторува, таа ќе достави известување и ќе иницира процес до Одделот за вода и електрична струја да ги исклучи услугите во наредните 48 часа “, рече Гарчети.
Големи собири од секаков вид се забранети според мерките за јавно здравје во округот, чија цел е спречување на ширењето на Ковид-19, кој сериозно се засили во целата земја.
Округот Лос Анџелес има повеќе вкупни случаи на коронавирус од кој било округот во САД.
Гарчети нагласи дека ова нема да се однесува за малите или обичните собири, туку за луѓето кои како што посочи „се решени да ги кршат правилата“ и кои претставуваат закана за јавното здравје.