Американската страна од Нијагарините водопади наскоро може да „пресуши“, ако се прифати предлогот на нујоршките власти да се собере водата, за да се заменат старите мостови што поврзуваат делови од паркот на Нијагарините водопади.
Овој месец, надлежната агенција ја соопшти намерата привремено да се сопре водата на два од три водопади кои ги сочинуваат познатите Нијагарини водопади.
Бетонските мостови, стари еден век, се простираат над реката Нијагара и им овозможува на пешаците да стигнат до островот Гоат. Од нивната изградба во 1900 година, состојбата со мостовите значително се влошила. Тие беа затворени во 2004 година, кога надлежните во паркот наредија изградба на уште два привремени мостови.
Нов извештај покажал дека старите мостови се премногу оштетени за да бидат успешно обновени, и мора целосно да се заменат.
Одговорните појаснуваат дека замената на мостовите мора да се направи додека е суво, за да се осигураат дека новите столбови се целосно зацврстени за основата и за да се олесни процесот на замена на основниот мост откако ќе биде урнат.
Иако сушењето на Нијагарините водопади делува како сериозен потег, 80 отсто од водата ќе биде пренасочена кон водопадот од страната на Канада. Целиот процес е планирано да си одвива две години, иако водата ќе биде собрана за помалку од шест месеци.
Последен пат, ова било направено во 1969 година кога инженери на американската војска почнале геолошко истражување за ерозија на иконското обележје. Тогаш, празните водопади биле туристичка атракција што привлекла речиси 90 000 посетители во еден викенд.