Поради страв од понатамошно ширење на коронавирусот, властите во Шангај поставија жичани бариери пред некои станбени блокови за да го спречат населението да излезе, што предизвика нов бран на незадоволство кај жителите на градот.
Вчера беа објавени снимки од медицински работници облечени во бели заштитни одела додека ги затвораат влезовите на станбените блокови, па дури и цели улици со зелена жичена ограда висока околу два метри, што предизвика огорченост и поплаки кај граѓаните.
На социјалните мрежи луѓето споделуваат фотографии и снимки од поставувањето огради.
„Ова е целосно непочитување на човековите права. Со жичани бариери се оградуваат луѓето како да се домашни животни“, напиша еден корисник на социјалната мрежа „Веибо“.
На една од снимките се гледа како незадоволни граѓани од своите тераси викаат кон работниците кои поставуваат бариери, а на друго видео се гледаат револтирани луѓе кои се обидуваат да ја урнат оградата.
Кина моментално се соочува со најголемиот бран на новозаразени со коронавирус. Вкупниот број на заразени со Ковид-19 изнесува речиси 750.000, од почетокот на епидемијата.