Без ниту еден залак леб в уста веќе единаесетти ден се тројцата професори од економскиот факултет при штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, а уште 46 други професори и наставници најавија дека ќе се приклучат кон штрајкот со глад од утре, во знак на солидарност кон своите колеги, пишува Плусинфо.
Целото претседателство на Синдикатот за образование наука и култура на Македонија составено од шест членови, како и советот на СОНК, професори и наставници, ќе штрајкуваат со глад како поддршка за своите колеги Крсте Шајноски, Маргарита Матлиеска и Александар Костадиновски.
Овие тројца професори се првите академски работници во историјата на независна Македонија што штрајкуваат со глад. Нивните барања се да бидат избрани во повисоки звања, за што дала мислење и рецензентската комисија. Ова мислење не го прифатил Наставно-научниот совет на факултетот и сега не само што тројцата не се избрани во вонредни професори, туку не се избрани ниту во звањето во кое работеле досега, со што им престанал работниот однос. Тие тврдат дека иако рецензентската комисија го потпишала позитивниот извештај за нив, советот на факултетот одлучил да постапи спротивно на нејзините препораки, без образложение.
– Ги исполнувам сите законски услови и сите критериуми, имам позитивен рецензентски извештај, во кој што предлогот е да бидам избрана во повисоко звање. И покрај таквите извештаи, поради нечие самоволие се прави обид мојот избор да се оновезможи – вели Матлиеска.
Од СОНК велат дека професорите се чувствуваат лошо бидејќи повеќе од 10 дена не ставиле ништо во уста освен течности.
– Лошо се чувствуваат. Овде нема симулирање дека се во штрајк со глад, едноставно немаат ни залче леб ставено в уста и само на течности се. На сметка на тоа, никој од надлежните не дојде да ги посети како луѓе вработени во тие институции, од еден хуман, човечки апсект“ – велат од Синдикатот.
Оттаму додаваат дека ќе бараат измени на Законот за високо образование, зашто сметаат дека проблемот е системски.
Извор: Плусинфо