ВМРО-ДПМНЕ жестоко ќе се спротивстави на овој обид за уништување на партијата, а СЈО и СДС ќе бидат единствено одговорни за атмосферата која ќе биде предизвикана во следниот период и во која ние ќе се спротивставиме на неправдата и неправото, рече денес техничкиот премиер во заминување Емил Димитриев по објавата за три нови случаи на СЈО.
Димитриев на прес-конференција рече дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која дејствувала, дејствува и ќе дејствува само врз основа на закон, а сите обвинувања се неточни, невистинити и енергично и бескомпромисно ги отфрлаат.
„Наведените изјави бескомпромисно ги демантираме во целост. Обидот на СЈО, како испостава на СДС, без факти и аргументи да изврши компромитација е многу опасен и погрешен пат“, рече Димитриев.
Во врска со финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека целокупниот имот на партијата била законски стекнат и се користел за извршување на партиски функции, и демантираше дека партијата купувала ниви и ливади. Надополни дека членовите на ВМРО-ДПМНЕ како и кој било граѓанин имаат јасно законско право за уплата на сметка на партијата, а тие ги користеле за партиски потреби.
Според него, членовите ВМРО-ДПМНЕ се „луѓе домаќини, чесни и патриоти и за нив не може да коментира и да суди Зоран Заев, Фатиме Фетаи или Катица Јанева, па да бидат спокојни бидејќи се силата од која се плаши противникот“.
Според Никола Попоски, кој исто така се обрати на прес-конференцијата, тврдењата на СЈО се измислени. „Првата инсинуација со која се обидува да се креира случај е тоа дека имало штета на државниот буџет од 155 милиони евра. Штета не постои, целта е да се привлече вниманието на јавноста“, рече тој.
На прес-конференцијата зборуваше и Антонио Милошоски, кој смета дека „до крајот на мандатот на СЈО оваа институција работи како партиска подружница на СДС“.
„Главна задача е да штанца политички обвиненија за да му помогне на Заев да спроведува нарачани платформи. Ваквото однесување на СЈО е на штета на интересот на граѓаните на Македонија но во корист на Заев за да се дефокусира јавноста од главниот проблем, правење коалиција на штета на интересите на Македонија“, изјави Милошоски.