Во изминатите десет години, на секои два дена бил убиен по еден „зелен“ активисти што е повеќе од 1.700 луѓе кои со својот живот платиле за обидите да се спречи рударството, уништувањето на шумите и слично, според новата студија објавена од „Глобал витнес“, пренесува Ал Џазира Балканс.
Најголем број од убиствата на еколошки активисти, во последните 10 години се случиле во Бразил и Колумбија, а авторите на студијата истакнуваат дека бројките не го покажуваат вистинскиот обем на насилството.
Претходно оваа година, беа убиени британскиот новинар Дом Филипс и локалниот експерт Бруно Переира, фрлајќи ново светло на беззаконието во некои делови на Амазон.
Во најновиот извештај на „Глобал витнес“, Латинска Америка е регионот со најмногу смртоносни напади врз еколошки активисти.
Според таа студија, 68% од сите убиства на еко-активисти се случиле на тој континент, а најмногу во Бразил, Колумбија, Мексико и Хондурас.
Многу од убиените активисти се домородци вклучени во борбата против големите компании за да се спречи експлоатација на нивната земја од сопствениците на рудници и уништувањето шуми за проширување на земјоделското земјиште или изградба на хидроелектрани.
Научниците стравуваат дека еколозите ќе бидат изложени на уште поголем ризик денес бидејќи светот се соочува со енергетска криза како резултат на војната во Украина.