Во 7 градови низ Македонија се одржа националната волонтерска акција Ден на добри дела

Повеќе од 250 волонтери вклучени во 11 акции учествуваа на националната волонтерска акција Ден на добри дела во Македонија кој се организираше по прв пат во земјава. Во организација на Младинскиот културен центар (МКЦ) Битола, иницијативата која има за цел да ги обедини луѓето од целиот свет да прават добри дела за другите, се спроведе во 7 градови низ Македонија

Денот на добрите дела во Македонија промовираше солидарност, волонтирање и помагање на ранливите и маргинализираните групи во општеството преку директно вклучување на волонтерите во правењето добро во нивните локални заедници, велат од МКЦ Битола.

„Корисници на нашите акции беа ученици од основните училишта, жени жртви на семејно насилство, стари лица, лица со посебни потреби, матуранти од семејства корисници на социјална помош или од семејства со самохрани родители, болнички пациенти и други граѓани со потежок социјален и економски статус“, додаваат од МКЦ Битола.

Годинава во оваа глобална волонтерска и хуманитарна иницијатива биле вклучени повеќе од 110 земји во светот.