Агенцијата за електронски и поштенски комуникации на Албанија (АКЕП) вчера им даде рок од 72 часа на вработените во 44 онлајн медиуми да извадат даночен број и да го објават на веб-страницата, или ќе бидат затворени.
„АКЕП во согласност со законската и регулаторната рамка, ги информира сите субјекти регистрирани како интернет портали дека треба да го објават својот даночен број на нивната контакт страница во рок од 72 часа”, се вели во соопштението на Агенцијата.
„АКЕП ги повикува оние лица кои имаат врска со [наведените] портали да добијат даночен број од Националниот бизнис центар во рок од 72 часа и да го пријават својот даночен број на нивната веб-страница”, стои во соопштението.
Сепак, од Агенцијата не го наведуваат законот кој налага да се направи тоа.
Овој потег доаѓа откако премиерот Еди Рама во петокот рече дека веб-сајтовите мора да бидат „легализирани” со регистрирање кај даночните власти. Рама рече дека сака да направи „урбанизација на онлајн џунглата”.
Но, директорот на албанската агенција БИРН, Кристина Воко, рече дека изјавата на АКЕП покажала неразбирање на законите на земјата и дека е обид од владата да врши директна контрола врз институциите кои според закон се независни од неа.
„Очигледно, кампањата против клевета на премиерот започна без соодветно да се проверат фактите и без комуникација со вклучените страни”, рече Воко.
БИРН Албанија е невладина организација регистрирана во Тирана и целосно е во согласност со домашниот даночен код. Reporter.al е веб-страница регистрирана во Албанија и нејзината контакт страница вклучува податоци за нејзината сопственост и нејзината физичка адреса.
Во моментот не е јасно како АКЕП ги излиста веб-страниците за кои се вели дека треба да бидат регистрирани. Шеф на АКЕП е Илир Зела, поранешен пратеник од Социјалистичката партија на премиерот Рама. Оттаму засега нема коментар.
„Еден обичен е-мејл од нас е доволно за да се дознае повеќе за БИРН и неговиот даночен статус”, вели Воко.
„Очигледно, АКЕП не е заинтересирана да ги потврди своите информации. Срамно е, бидејќи непотврдената информација е она што води до клевета, за која е загрижен премиерот”, додаде таа.
Она што е чудно, е тоа што во листата на веб-сајтови се најде и Insideri.com, кој е всушност од Косово.
Парим Олури, уредник на Insideri.com, изрази загриженост што неговата веб-страница е на листата.
„Изненаден сум од Еди Рама, кој сака да ја копира Северна Кореја”, напиша Олури на Фејсбук.
„Ние сме бизнис регистриран во Косово. Ние не треба да се регистрираме и во Албанија. „Гардијан “, „Њујорк тајмс “, „Би-Би-Си“, не се регистрирани како бизниси во секоја земја во светот од каде што може да се прочитаат” тој додаде.
Неритан Сејамини, издавач на веб-страницата Exit.al, рече дека изјавата на АКЕП кажала многу за начинот на кој сега работи владата на Албанија.
„Наредбата на АКЕП не е заснована на ниту еден закон и листата јасно покажува желба за затворање на владините критичари”, рече Сејамини.
„Exit.al е непрофитна организација и е регистрирана со даночните власти. Како НВО, таа не е вклучена во некоја комерцијална активност и не може да биде регистрирана како таква”, додаде Сејамини.
Бленди Февзиу, издавач на Opinion.al, рече дека нивното вклучување на листата на АКЕП мора да е грешка.
„Opinion.al е регистриран како компанија со даночен број. Не можеме да продаваме реклами без даночни пријави”, изјави Февзи за БИРН.
Со оваа мерка, АКЕП може да им нареди на интернет провајдерите да го блокираат пристапот до одредени веб-страници во Албанија.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.