Огромна крастава жаба е пронајдена во прашума во северна Австралија, пишува „Би-Би-Си“.
Жабата била дотолку голема што оние кои ја нашле помислиле дека е лажна. Таа тежи 2,7 килограми што е за шест пати повеќе од просечната тежина на една жаба.
Жабата која најверојатно ќе го сруши рекордот на најголема жаба досега пронајдена е наречена „Toadzilla“. Таа по наоѓањето веднаш била преместена во посебен контејнер и отстранета од дивината.
Ваквите жаби немаат природно потекло од Австралија. Првпат таму се забележани во 1935 година. Денес е пресметано дека во Австралија живеат повеќе од 2 милијарда вакви жаби кои инаку се сметаат за едни од најголемите штетници на тоа тло.
Актуелниот гинисов рекорд го има жаба тешка 2,65 килограми, па се претпоставува дека „Toadzilla“ ќе се впише како новиот рекордер.
Чуварката на паркот, Кајли Греј изјавила дека не се знае колку време водоземецот живеел надвор, но веројатно тоа било подолг период. Ваквите жаби во дивината издржуваат најмногу 15 години. Греј верува дека жаба со олкава големина може да изеде сè што ќе ѝ се најде на патот.
Жабата по пронаоѓањето е еутанизирана, според практиката и законот за штетници во Австралија. Таа во следниов период ќе биде донирана во музејот „Квинсленд“.