Еден од преживеаните во несреќата на магистралниот пат „Струма“ тврди дека не се спасени седум, туку осум патници. Ова денеска го соопшти портпаролката на главниот обвинител во Бугарија Сиика Милева. Таа нагласи дека тврдењето на преживеаниот може да се должи на „лоша меморија“. Но, фактите покажуваат дека во автобусот биле пронајдени 44 тела, а не како што се сметаше досега, 45 тела, јавува телевизија „Нова“.
„Телата со сигурност беа 44. Граничната контрола на контролниот пункт „Капетан андреево“ евидентирала 52 патници во автобусот. Единствената опција е еден од патниците на списокот да се прекачил во друг автобус. Во медиумите многу се шпекулира за инцидентот на магистралниот пат ‘Струма’. Во случајот нема очевидци, а во медиумите се појавија повеќе од 20“, објасни заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов.
„Двајца од патниците во автобусот беа сослушани. Тие биле будни и даваат крајно објективни информации. Нивните сведоштва целосно се преклопуваат, поради што ги прифаќаме како целосно веродостојни и коректно изложени. Денеска ќе бидат сослушани уште двајца кои се лекуваат во Пирогов“, додаде Сарафов.
Дополнително, „БГНЕС“ пренесува дека аутопсиите покажуваат дека сите починале од задушување, што значи дека биле живи и починале од пожарот.