Во Битола утре протест поради смртта на шестгодишната Јана

Под слоганот „Правда за Јана“ утре од 19 часот на битолскиот плоштад „Магнолија“ е најавен протест поради смртта на шестгодишната Јана Христовска која почина на 22 март во Клиничката болница – Битола.

Протестот го организираат роднини и пријатели на семејството на Христовска.

„Низ времињата наназад сум водел многу заеднички битки со вас, драги браќа и сестри битолчани. Но, оваа ми е најтешка, најемотивна и неописливо жална и болна. Битката за барање правда за Јана, за која однапред знаеме дека институционално ја губиме, не претставува битка на која треба да застанеме и да го кажеме добро познатото тридецениско `тоа е`, туку да се обединиме, да се видиме сите во среда во 19 часот, да кажеме заедно сме посилни. Дека нашиот кренат глас е наше право, тоа е наша појдовна точка, од која треба јасно и гласно да кажеме – доста е“, пишува во објавата на социјалните мрежи на кумот на Јана, Игор Петковски.

Родителите на Јана изјавија дека ја донеле во битолската болница откако претходниот ден таа имала температура. Во болницата примила инфузија по што ситуацијата се искомплицирала. Тие изразија сомнеж дека нејзината смрт настапила како последица на лекарски пропуст.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат по извршениот вонреден инспекциски надзор во Болницата информираше дека не биле констатирани недостатоци во лекувањето на Јана во рамки на нивните надлежности.