Во центарот на Кавадарци денеска беше поставена скулптурната инсталација „Грозд“, изработена од иноксни нерѓосувачки челични нитки со димензии 200cm x 100m, поставена на постамент од бел мермер со димензии 100cm x 130cm.
„Скулптуралната инсталација Грозд е посветена на грозјето и лозарите од Тиквешкиот регион без чија што мака и пот не би можеле да ги вкусиме прекрасните вкусови на најдобрите македонски вина ниту да ги засилиме и замислиме радоста, љубовта, тагата или болката кои најчесто се залиени со Тиквешките вина и ракија“, велат од Центарот за современи уметности (ЦСУ) Скопје.
Авторка на инсталацијата е Маја Танева. Скулптурата е финансиски поддржана од Министерството за култура, а логистички поддржана од Општина Кавадарци.
Скулптурата, како што велат од ЦСУ е посветена на сите оние кои грижливо ги чуваат традициите на одгледувањето винова лоза наследени од предците, оставајќи ги аманетите и тајните на лозарството на наредните генерации.
„Од кога е векот од тогаш е и грозјето неретко ќе кажат во тиквешијата, за нив грозјето е се. И мака и радост и тага и пот и солзи и смеа. Гледано од емпириска гледна точка самиот грозд дава повеќе симболики од една страна гроздот и грозјето зборуваат за благодет и изобилие ги слават Дионис и Св. Трифун, но истовремено гроздот е симболна заедништво, на поврзаност на сплотеност.
Големите зрнца однадвор на гроздот ги штитат помалите во неговата внатрешност, а токму пак тие помалите зрна се оние најслатките оние кои го даваат шеќерот и кои ги испуштаат аромите кои ги дефинираат сортите на грозјето и вкусовите на неговите дестилати“, велат од ЦСУ.