Во центарот на Скопје е поставена „Чекална“ во која секој граѓанин може да седне на столче и да „чека“ на борба против корупцијата, повисоки плати, за ефикасно судство, или пак за новите учебници за 3-то и 6-то одделение.
Станува збор за креативно-активистичка акција на програмата за уметнички и креативен активизам на Центарот за современи уметности од Скопје во чест на македонските граѓани кои 30 години чекаат да се случи нешто и работите да тргнат на подобро.
„Идејата на оваа акција е да оддадеме почит на просечниот македонски граѓанин – чекач кој веќе 30 години непрекинато чека. Чекаме за подобар стандард, за влез во ЕУ, за битка со корупцијата, за подобро здравство, за подобро школство, за подобра инфраструктура, власта и партиите да работат во служба на граѓаните и што уште не. Година по година чекаме да се остварат неостварените ветувања. Всушност се нешто чекаме и станавме професионални чекачи. Токму затоа и ја изградивме оваа чекална каде секој може да си почека за она што најмногу му треба и она што му е најважно“, велат од Центарот за современи уметности.
Меѓу работите кои можат да се чекаат во „Чекалната“ е и влезот во ЕУ, чистиот воздух, автопатот Кичево-Охрид, подобро здравство, запирање на градбите на мали хидроцентрали, рамни шахти на асфалтот, пруга кон Бугарија или пак нов клинички центар во Штип.
„Се надеваме дека по оваа акција граѓаните ќе станат уште подобри и по ревносни чекачи а партиите ќе ни дадат уште подобри ветувања чие што чекање ќе биде вистинско задоволство“, додаваат активистите.
Од Центарот за современи уметности велат дека најпозитивното од оваа акција е тоа што „Чекалната“, по завршување на акцијата, ќе биде донирана за користење како стреа за автобуска станица во една рурална заедница во околината на Скопје за луѓето од тој дел да чекаат нешто што ќе го дочекаат, односно автобус.