Во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“ утре (29 март) од 19 часот ќе се одржи промоција на првата винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари – „Поп култура“, како издание во рамки на платформата „Силата ЕУ младите“, која пак беше програмски уредувана од Мирко Попов.
„Компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската поп музичка сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и се’ уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена“, велат од платформата „Силата ЕУ младите“.
Од таму велат дека компилацијата опфаќа селекција песни од репрезентативни млади автори на македонската поп музичка сцена: Аудио Цигла, Миа Перевска, Дина Јашари, Андреја Салпе, Зи, Јанг Дади, Матеј Фолтц, но и музичарот Слаткаристика.
Музичкиот избор оваа вечер ќе биде на диџеите на младиот колектив Македонско Улично Радио: Скам, Аудио Цигла и Демиџ Контрол. Промотивниот настан се реализира во соработка помеѓу „Силата ЕУ младите“, Македонско Улично Радио и Лабораториум.
„Платформата ‘Силата ЕУ младите’ е еден од низата проекти иницирани и програмски уредени од Мирко Попов, кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор го реализира и ова, 13-то по ред винил издание за дискографската куќа ‘ПМГ Рекордингс’“, велат од платформата.
Дополнително, посочуваат дека во издание на „ПМГ Рекордингс“, Попов реализираше 300 изданија македонска музика од македонски автори на македонски јазик.
„Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Ако Југославија го имаше ‘Пакет Аранжман’ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го имановиот бран на поп музика на компилацијата ‘Поп Култура’, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме овој петок во ‘Лабораториум’.
‘Мораме да комуницираме и да се дружиме со младите, затоа што само така вистински ќе знаеме каде оди светот и ние ќе останеме млади’, велеше Попов. Толку многу ги сакаше сите и се радуваше дека го градат оној град во кој тој веруваше. Тие го препознаа искрениот жар и отворениот простор на Мирко и му вратија назад со љубов и убава соработка. Во чест на Попов, зааедно да ја славиме македонската музика, како што велеше и самиот: ‘Во Скопје, улиците пеат’. Млади, не застануваме!“, соопштува тимот на „Силата ЕУ младите“.