Во Чифте амам во тек е изложбата на фотографии „Али Фети Окјар – истомисленик и соработник на Ататурк“, проект на Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп“.
Како што информираат оттаму, изложбата беше и во рамките на Програма за остварување на национален интерес во областа на културата за 2023 година финансирана од Министерството за култура.
Раководител на проектот е Рубинчо Белчески, историчар кустос советник.
„Изложбата е поставена на 12 алуминиумски банери кои содржат околу 150 фотографии и текст (на македонски и турски јазик) кој се однесува на прилепчанецот Али Фети Окјар, војник, дипломат и политичар кој извршувал високи функции во Османска и Република Турција, пратеник, министер, премиер, претседател на Национално собрание, амбасадор во Бугарија, Франција и Велика Британија, како и за неговата соработка со Мустафа Кемал Ататурк. Едноставно кажано, Али Фети Окјар бил човек со биографија која фасцинира“, велат организаторите и додаваат дека за изложбата бил подготвен и каталог со текст на македонски и турски јазик, во кој е презентирана целокупната изложба.
Изложбата досега е поставена во неколку градови низ Македонија.