На иницијатива на Министерството за образование, наука и иновации, училишните одбори на основните и средните училишта во Црна Гора донесоа одлука за забрана за користење на мобилни телефони за време на настава, освен во случаите кога нивната употреба од страна на предметниот наставник е предвидена како наставна алатка за реализација на одредени наставни целини преку секојдневна подготовка, соопшти ресорното министерство, јавува Радиотелевизија Црна Гора (РТЦГ).
„Одлуката предвидува и посебни околности – итни случаи, здравствени причини и слично, во кои учениците по одобрение од предметниот наставник или управата на училиштето можат да користат мобилен телефон. Во наредните денови Министерството за образование, наука и иновации, во соработка со училиштата, ќе ги создаде потребните предуслови за целосно спроведување на донесената одлука“, се вели во соопштението.
Тие наведуваат дека споредбената практика во голем број земји покажала дека укинувањето на мобилните телефони во училиштата генерира позитивни ефекти врз резултатите што ги постигнуваат учениците во образовниот процес, па сосема е очекувано и забележано дека има зголемување на бројот на земји кои, генерално или во рамките на поединечни образовни институции, воведуваат различни форми на делумна или целосна забрана за употреба на мобилни телефони во училиштата.
„Дополнително, на ниво на Црна Гора има училишта кои веќе имаат донесено прописи за забрана за користење на мобилни телефони за време на наставата, а позитивните ефекти од оваа одлука ги потврдија и наставниците и родителите, но и самите ученици“, се вели во соопштението.
Од Министерството посочија дека во претходниот период набавиле компјутерска опрема за сите образовни институции во Црна Гора вредна околу 7 милиони евра, со што процесот на дигитализација ќе се спроведува непречено, а во наредниот период се планира набавка на нова ИТ опрема.