Насловена „Во цут“, изложбата на платна, слики и графики цртани од дизајнерот Горан Костовски – Ind.o.g. ќе биде отворена на 18 мај, четврток, во Монтажната галерија на Центарот за современи уметности во Паркот на Франкофонијата.
Со почеток во 18 и 30 часот, ќе бидат претставени дела цртани во изминативе две години, кои имаат за цел да ја претстават пролетта и самото будење на природата.
„Авторот се поистоветува со будењето на природата како фаза за себе будење низ процесот на депресија и тага и надежта за подобар свет и грижа на планетата земја. Менталното здравје е во фокус на изложбата и има за цел за презентирање на нови визии идеи за грижата на луѓето за животната средина и колективната грижа. Цветовите кои што се дел од делата симболизираат: љубов, надеж, грижа кон себе и природата, тага, живот, радост“, велат организаторите.
Изложбата ќе биде отворена до 26 мај и може да се погледне секој работен ден после 17 часот.
Горан Костовски – Индог е уметнички директор, илустратор, дизајнер, уличен уметник и активист. Роден 1983 година во Скопје. Свое дело првпат изложил во 1998 година, а оттогаш до денес учествувал во низа самостојни и групни презентации, како и видео перформанси. Изложувал во Скопје, Париз, Лондон, Амстердам, Берлин, Цеље. Со текот на годините, тој соработувал со многу организации, корпорации, музичари и уметници. Работел на различни уметнички активности и кампањи за подигање на свеста; создавање и истражување на визуелни идентитети.
Во 2011 година, тој создаде уметничка платформа DIY и приватна етикета за унисекс облека Celebrate Life која промовира позитивни пораки и урбана култура. Во 2020 година, инспириран од пандемијата и потребата да се поттикне дискусија за важноста на свеста за менталното здравје, тој започна подкаст, а подетални информации се достапни на неговиот вебсајт.
Индог живее и работи во Скопје.