Mинистерот за здравство Арбен Таравари вчера ја посети Клиниката за онкологија заедно со Сашо Клековски, директорот на Фондот за здравствено осигурување, посочувајќи дека приоритет засега ќе ѝ се даде на оваа клиника.
Тој рече дека располага со информација дека во државата нема повеќе од 50 онколози, но и патолози, пренесува новинската агенција Мета.
„Веројатно ќе треба да се направи мораториум за одредени специјализации и да им дадеме предност или да ги мотивираме докторите да специјализираат онкологија или патологија“, изјави министерот за здравство.
Следната недела Тараври ќе се сретне со министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, со цел да се направи притисок да се дозволат вработувања на медицински кадар, со акцент на Клиниката за онкологија и радиотерапија, оти ваквото функционирање, како што рече, е тешко за пациентите, но претешко е и за кадарот.
Идната недела ќе има нов состанок, за да се изготви специјален извештај и во Владата да се разговара за проблемите на Клиниката за онкологија, особено околу дефицитот на кадар.
Предмет на разговори ќе биде и тоа како да се активираат амбулантите во Тетово, ГОБ „8 Септември“ и во Битола.
И таму има одредени недостатоци на кадар, појасни министерот. Таравари истакна дека ќе инсистира да се дозволат вработувања, со цел да не се преоптоварува вработениот персонал.
„За жал, многу од кадрите си одат надвор, меѓутоа, ме известуваат дека имаме кадар што може веднаш да го активираме. И физичари и технолози и доктори и медицински сестри. Но, нормално, за овој кадар да биде како што треба, ќе требаат месеци и години. Но, мораме да почнеме. Не може ниту вака да ги оставиме. Има реперкусии по пациентите“, рече министерот.