Египетските археолози открија гробница на фараон во близина на главниот град Каиро во која можеби се наоѓа најстарата и најкомплетната мумија досега пронајдена во земјата.
Мумијата стара 4.300 години била пронајдена на дното на 15-метарски процеп во неодамна откриената група на гробници кои датираат од петтата и шестата династија на Старото кралство во близина на Џосеровата скалеста пирамида во Сакара, потврди директорот на археолошкиот тим, Зави Хавас.
Мумијата на човек по име Хекасепес е прекриена со злато и се наоѓала во саркофаг од варовник.
„Ја ставив главата внатре за да видам што се наоѓа во саркофагот – прекрасна мумија на човек целосно прекриена со слоеви злато. Мумијата веројатно е најстарата и најкомплетната мумија најдена во Египет досега“, изјавил Хавас.
Меѓу другите откриени гробници била и онаа на Кунумџедеф, свештеник и надзорник за време на власта на Унас, последниот фараон од петтата династија. Неговата гробница била декорирана со сцени од секојдневниот живот. Пронајдени биле и други гробници кои припаѓале на свештеници, судии и писатели.
Во гробниците биле пронајдени и голем број статуи, меѓу нив и една на која се гледа маж со неговата жена и неколку слуги.
Масовната локација на гробници во античкиот египетски главен град Мемфис, која е прогласена за светско наследство на УНЕСКО, вклучува десетици пирамиди, животински гробишта и стари коптски христијански манастири.