Во Еквадор ќе се воведуваат електронски пари

До почетокот на декември оваа година Еквадое ќе пушти во оптек дигитална валута. Новата валута е во фаза на подготовка и засега останува без име, но се знае дека ќе биде издадена од Централната банка, објави BBC.

Еквадор

Според најавите, електронските пари ќе постојат заедно со конвенционалните , а согласно законот ќе бидат поддржани преку т.н. ликвиден имот. Претставниците на Централната банка велат дека од побарувачката ќе зависи колкава количина ќе се произведе за разлика од крипто-валутите биткоин чија количина е ограничена.

Електронските пари добија поддршка и од Парламентот минатиот месец кога истовремено беа забранети биткоините. Претседателот на Еквадор Рафаел Кореа кој е левичар, смета дека единствен проблем со овој проект е што било потребно предолг период за да заживее. Властите негираат дека целта на електронските пари е да се замени американскиот долар што земјата го воведе во 2000 година, после банкарската криза.

На почетокот, дигиталната валута ќе може да се користи преку мобилните телефони. Ваков начин на плаќање веќе постои во Кенија и Танзанија, а идентичен софтверот за електронските пари веќе се користи во Парагвај, од страна на телефонските компании.

Извор:  BBC