Повеќе од 1,5 милиони бегалци од Украина ја преминале границата во соседните држави во период од само 10 денови, што е најбрзо растечката бегалска криза од Втората светска војна, вели високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Филипо Гранди.
УНХЦР претходно алармираше дека за седум денови, од 24 февруари кога почна руската инвазија врз Украина, од своите домови побегнале 1 милион луѓе.
„Од час во час, минута во минута, се повеќе луѓе бегаат од застрашувачката реалност на насилството. Безброј се раселени внатре во земјата. И доколку не дојде до итен прекин на конфликтот, многу повеќе милиони веројатно ќе бидат принудени да ја напуштат Украина. Внатре во Украина, нашиот персонал – и другите хуманитарци – работат каде и кога можат во застрашувачки услови. Нашите тимови остануваат, дури и со голем ризик, бидејќи знаеме дека потребите во земјата се огромни“, рече Гранди.
Тој порача дека „меѓународната солидарност го грее срцето, но ништо не може да ја замени потребата пушките да замолчат, за да успее дијалогот и дипломатијата“.
„Мирот е единствениот начин да се запре оваа трагедија“, изјави тој.
Според полскиот претседател, Анджеј Дуда, неговата земја досега примила половина од вкупниот број бегалци.
Бројот на бегалци е висок и во Унгарија и Романија.
Но, не секој одлучува да остане во земјите во кои првпат ќе пристигне од Украина. На пример, 140.000 лица, кои пристигнале во Романија, во текот на првите осум дена од војната отпатувале за други земји, а во земјата останале околу 60.000, наведе УНХЦР.
Од тие причини, земјите кои граничат со Украина служат како прва станица за многумина кои бегаат од војната и додека патуваат за подалечните европски земји.
Германскиот експерт за миграција Џералд Кнаус процени дека Европа може да очекува прилив од 10 милиони украински бегалци.