Француски научници открија нова варијанта на коронавирусот, која засега има 46 мутации, пренесува „Independent“.
Наречен ИХУ, оваа варијанта засега е регистирана кај 12 лица во југоисточна Франција. Првиот случај на ИХУ бил забележан кај лице кое патувало во Камерун, западна Африка.
Сепак, експертите смируваат дека иако е откриена нова варијанта, тоа не значи дека ИХУ ќе биде лесно пренослив како другите варијанти, вклучувајќи го и Омикрон.
Авторите на медицинското истражување за ИХУ истакнале дека лицето кај кое е забележана оваа варијанта, било потполно вакцинирано. Лицето имало позитивен ковид тест откако се вратило од тридневно патување од Камерун.
Во долга објава на „Твитер“, епидемиологот кој работи во Федерацијата на американски научници, Ерик Фигл-Динг, напиша дека новата варијанта се следи за да се направи евалуација колку е таа заразна и опасна.
„Постојано се откриваат нови варијанти, но тоа не значи дека сите тие се опасни. Она што прави некоја варијанта опасна, е нивото на нејзината преносливост“, додал тој.