„Techathon 2021“, дводневен младински хакатон на тема „Innovative Youth Entrepreneurship Idea”, започна денеска од 10 часот во Младинскиот ресурсен центар iCan во Гостивар, каде учествуваат млади лица на возраст од 15 до 29 години.
„Techathon 2021“ е организиран од младинската организација Youth Empowerment Platform и поддржан од проектот „МладиХаб – градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“, кој го спроведува Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
„Земајќи ги предвид важноста на претприемништвото, како и нашата мисија да ги поддржиме младите, овој техатон има за цел да им помогне на младите да ги развијат своите креативни и иновативни бизнис идеи. Техатонот е организиран во склоп на проектот „МладиХаб – градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“ кој се реализира благодарение на финансиската поддршка од Британската амбасада во Скопје и поддршката од Претседателот на Република Северна Македонија. Националниот младински совет на Македонија го спроведува овој проект заедно со CeedHub Skopje“, појасни Марија Крстевска, Претседател на НМСМ Национален младински совет.
Официјалното отворање на започна со поздравен говор на британската амбасадорка Рејчел Галовеј која ја потенцираше важноста на вложувањето во младинското претприемништво.
„Горда сум што поддржуваме проект како МладиХаб кој инвестира во човечкиот капитал на државата и во младите кои се нејзината иднина. Се надевам дека денешниот Техатон ќе создаде плодна почва за нови бизнис идеи и креативни решенија”, порача амбасадорката.
Покрај организацијата на „Techathon 2021“, проектните активности на МладиХаб во Гостивар вклучуваат и финансиска поддршка за реновирање на просториите на CoWork – простор каде младите во Гостивар можат да си обезбедат канцелариски простор за заедничко работење.
„Гледаме дека младите во Северна Македонија имаат извонредни дигитални вештини и токму затоа мора да им дадеме можности преку кои ќе продолжат да ги негуваат своите љубопитни умови. Благодарение на нивните дигитални способности, младите имаат можност да го истражат светот, користејќи широко достапни информации со цел да создадат нови можности за учење, развивање на бизнис идеи, дизајнирање нови производи и барање нови пазари“, додаде Галовеј