Претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили денеска потпиша закон со кој групите за човекови права, опозицијата и меѓународната заедница велат дека драстично ги ограничува правата на ЛГБТ заедницата во земјата, јавува Радио Слободна Европа.
Папуашвили, од владејачката партија Грузиски сон и коспонзор на законот, го поддржа законот откако претседателката Саломе Зурабишвили одби да го потпише на 2 октомври и го врати назад во Парламентот, во согласност со одредбите на грузискиот Устав.
Парламентот го усвои таканаречениот закон за „семејни вредности“ на 17 септември со 84 гласови, а опозицијата ја бојкотираше седницата, додека демонстрантите протестираа пред зградата на Парламентот.
Иако по Устав е легален, потегот на Папуашвили го нагласува драматично поларизираниот политички спектар во земјата. Владејачката партија Грузиски сон е во конфликт и со претседателката на државата и со политичката опозиција, која со месеци го бојкотира Парламентот пред изборите закажани за месецов.
По одобрението на Папуашивили, законот ќе биде објавен во Службен весник на Грузија и ќе стапи во сила 60 дена по објавувањето.
Пакетот законски измени, чиј целосен назив е „За семејни вредности и заштита на малолетници“, носи измени на 18 важечки закони, меѓу кои и закони за слобода на говор и изразување, како и за радиодифузија.
Мерките предвидуваат забрана за собири кои го промовираат правото на лицето да се идентификува со пол различен од неговиот „биолошки пол“, а исто така забрануваат собири кои се залагаат за истополови врски.