Во Грузија стапи на сила законот за „странски агенти“

Два месеци откако владејачката партија ги игнорираше протестите и меѓународните предупредувања, во Грузија стапи на сила законот за таканаречените „странски агенти“. Законот беше критикуван и се заканува јавно да дискредитира илјадници медиумски куќи и граѓански организации како „слуги“ на странски сили, јавува Радио Слободна Европа.

Сè уште се чекаат неколку тужби за оспорување на уставноста на законот, вклучително и првата жалба на претседателката Саломе Зурабишвили пред Уставниот суд.

Новиот закон ги обврзува независните групи и медиумски куќи кои добиваат 20 отсто од своето финансирање од странство да се регистрираат во јавен регистар што сугерира дека се „слуги на странски интереси“.

„Сè е подготвено од 1 август, и организациите што ги исполнуваат овие критериуми можат да аплицираат кај нас“, објави претходно министерот за правда Рати Брегадзе, чие министерство ќе го води регистарот.

Се претпоставува дека огромното мнозинство од околу 10.000 невладини организации во Грузија добиваат средства од странство. Десетици организации од висок профил ветија дека нема да го почитуваат законот, но активистите велат дека придружните казни може да опустошат многу помали организации.

Усвојувањето на Законот за транспарентност на странско влијание во мај дојде повеќе од една година откако владејачката партија Грузиски сон и сојузниците подлегнаа на притисокот поради сличен предлог-закон. Тие го оправдуваат законот со зголемување на транспарентноста и зајакнување на суверенитетот на Грузија.

Опозицијата го осуди законот како „руски закон“ бидејќи Москва користи сличен закон за да ги стигматизира независните медиуми, организации и поединци кои го критикуваат Кремљ, тврдејќи дека неговото усвојување е знак за руско влијание во Грузија.

Во меѓувреме, пристапот на Грузија во Европската Унија е стопиран, а дел од финансиската поддршка на земјата е замрзнат откако грузиските власти го усвоија контроверзниот закон.