Училишната година заврши, но пред да почне новата 2023/2024, мора дополнително да се подобрува инклузивното образование, капацитетите и ресурсите. Инаку може да биде тешко од септември. Зборувам во најдобар интерес на децата со попреченост, но и за сите деца воопшто, вели во разговор со Радио МОФ Горан Петрушев, раководителот на Службата за функционална проценка на деца и младинци.
Оваа Служба изминативе години доби важна улога во целиот систем на инклузивно образование. Телата што работат по Меѓународната класификација на функционирање, попреченост и здравје (МКФ) прават проценка на сите атипични деца, дали им е потребен образовен асистент, Индивидуален образовен план (ИОП) или модифицирана програма, за потоа инклузијата да се одвива во училиштата.
Петрушев вели дека иако постојат видливи поместувања, инклузивниот систем мора да се подобрува, постојано.
„Подобрена е и соработката со училиштата, но треба комплетирање на сите инклузивни тимови, согласно Законот за основно образование (тим од психолог, специјален едукатор, социјален работник, родители, наставници итн). За секое училиште треба специјална едукација за инклузивниот тим. Некаде нема, некаде постои еден специјален едукатор на 2-3 училишта, па во тие случаи е потешка соработката. Таму кај што има, веќе се гледа разлика. Ресорното министерство мора да ја следи инклузивната политика. Не се само законските измени, туку во континуитет да се следи како се остваруваат услугите, како работат инклузивните тимови итн. Верувам дека се следи, но инклузивното општество бара повисоко ниво на организираност, се’ во интерес на децата“, посочува Петрушев.
Законските измени ја доверија инклузивната улога на наставникот. Тој ја изведува наставата. Стручните лица се поддршка на наставникот. Образовната асистенција е исто поддршка на наставникот. Така треба да биде во пракса.
„На наставникот мора да му е јасно што, како и кога треба да направи за да го олесни процесот на децата. Треба позасилено да се работи со наставниците, но и со школите. Зашто се’ уште постојат училишта кои, за жал, одбиваат да го запишат детето со попреченост, или го препраќаат во друго училиште. Тие случаи сега се поретки, ама сепак се јавуваат инцидентно. Училиштата немаат друг избор, секое дете треба да учи најблиску до местото на живеење“, нагласува Петрушев.
За него е несомнено важно школите да ги адаптираат и реобмислуваат просториите и активностите. Во сензорните соби да работат стручни лица едуцирани за сензорна интеграција, да се овозможува асистивна технологија, а инклузивниот буџет да рипне високо на училишната агенда.
„Без финансии нема инклузија“, категоричен е Петрушев.
Ваквите забелешки ги нотираше и Комитетот за правата на децата при ОН. Таму се нагласени и средствата и човечките ресурси што треба да бидат доверени на МКФ-службите, за непречено да тече новиот модел на проценки. Проблем е што од планираните 10 тела низ Македонија, се’ уште не се комплетирани во Охрид, Велес и Штип, додека во Куманово недостасуваат уште неколку стручни лица. Оваа ситуација е иста од стартот на 2023 година.
Дополнително, МКФ-службите сега имаат и зголемен опфат на работа, со цел земјава преку меѓународно признатата рамка да се тргне од ригидниот систем на „категоризација“. Оттука, со новиот Правилник на функционална проценка, освен за образовни услуги, добија задачи да прават проценки и за социјални и здравствени мерки – посебен додаток, ортопедски помагала итн.
„Решивме доста предизвици, сепак, динамиката оди побавно од очекуваното. Бирократски бариери со институциите го оддолжија формирањето на одредени тела. Треба вработувања нови лица (психолози, дефектолози н.з), некаде недостасуваат и просторни услови… Требаат финансиски ресурси за оваа работа. Ако наместо 10, работите со шест тела – не може проценките да се одвиваат со ист интензитет. Системот е правен по регионална основа, па сега родители со децата мораат да патуваат до друг регион, до друго тело. А, стручното тело во тој регион автоматски се преоптоварува, што значи подолги листи на чекање“, објаснува Петрушев, апелирајќи овие работи да се средуваат и за време распустот.
Голем дел од забелешките на Петрушев беа кажани и на завршниот настан на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Фондацијата „Чекор по чекор“, меѓу другото, побара поголема пристапност, градење инклузивна клима и поизразено буџетирање во училиштата. Исто така, обуки и компетенции за наставниците и инклузивениот кадар, директорите на школите да бидат моторот на инклузивните промени во школите, а истовремено да продолжи едукацијата против предрасудите и стигматизацијата врз децата со атипичен развој.
Во меѓувреме, се’ уште се чека изработката на Законот за средно образование, за да има инклузивна транзиција од основно во средно школо, при што средношколците би добивале образовни асистенти на товар на државата.
Бојан Шашевски