Казахстанските власти денеска соопштија дека во изминатите 24 часа привеле уште 1.678 лица поради нивно наводно учество во насилните немири што ја потресоа земјата минатата недела, пренесува „Ал Џазира Балканс“. Па така, вкупниот број на уапсени се искачи на 12.000 лица, а беа покренати повеќе од 300 кривични истраги за масовни немири и напади врз полицајци.
Во земјата на 2 јануари избувнаа протести поради скокот на цената на горивото кои брзо се проширија низ целата земја.
Како што ескалираше конфликтот, властите се обидоа да ги смират демонстрациите и најавија ограничување на малопродажната цена на 180 дена.
Сепак, во текот на следните неколку дена, демонстрациите станаа насилни, при што беа убиени десетици цивили и полицајци.
Казахстанскиот претседател Касим Јомарт Токаев за немирите ги обвини „терористите кои имаат поддршка од странство“ и побара помош од Организацијата на Договорот за колективна безбедност, воена алијанса предводена од Русија која е составена од шест поранешни советски држави.