Кинеската технолошка компанија ЕХанг Инк. го претстави првиот дрон на светот, кој може да превезува луѓе. Такси дронот „ЕХанг 184“ својата промоција ја имаше во јужнокинескиот град Гвангжу, и станува збор за беспилотно летало, објави „Јуроњус“.
За да се возат во тоа такси, патниците не мора да знаат да управуваат со него. Меѓутоа, оние кои имаат искуство со пилотирање, сепак можат да летаат користејќи ги и рачните команди.
Ниту едно од досегашните летечки возила не може да овозможи целосно самостоен лет, така што се уште се далеку од (превоз на) обични луѓе. Но, нашиот успешен лет денеска покажа дека сцените од научно-фантастичните филмови се многу блиску до обичните луѓе, изјави директорот на „ЕХанг“, Ху Хуажи. На тест летовите биле ангажирани над 150 инженери, кои тестирале, меѓу другото, и вертикално подигнување товар од 230 килограми и забрзување до 130 километри на час.
Дронот е едносед и може да пренесе еден патник со маса до 100 килограми во лет од 23 минути, соопштија од компанијата.
„Дронот може да им помогне на луѓето да избегнат сообраќаен метеж, но и за други цели. Секогаш на ум ни паѓаат случаи за итно спасување и пренесување пациенти во болница. Возилото може да се користи и за туризам, истакна Дерик Ксионг, еден од основачите на „ЕХанг“.