Од 16 до 26 септември во Младинскиот културен центар во Скопје ќе биде отворена изложбата „Во кревет“ на дела од Мила Добревска.
Се работи за прва самостојна изложба на Добревска, а од МКЦ велат дека претставува истражување на душата и потсвеста на човекот во својата најинтимна, најлична состојба. Овој опус веројатно доаѓа од авторовото истражување на личното и интимноста. Со креативната репрезентација на секојдневието, делата се претставени како потрага по инстинктивното и потсвесното.
„Претставувањето на ликовите во сонлива состојба е скоро апстрактно, крајно геометризирано со едноставни форми, кои суптилно ги доловуваат човечките стремежи преку доминантната игра на контрастни бои, кои се натпреваруваат. Со чистиот и храбар колорит, набљудувачот е вовлечен во емоционалните пејзажи создадени од уметникот. Невообичаениот приод кон медиумот на работа, со техниката на мозаик и импасто на платно, текстуралноста на густите потези, боените монохроматски површини имаат за цел да нѐ воведат преку нашата имагинација целосно да се поврземе со претставеното авторско сценарио“, стои во најавата за изложбата.
Мила Добревска е современа визуелна авторка (сликарка и мозаичар), која со својот единствен ликовен јазик, комбинирајќи ги експресивните движења на четката, играта на боените површини, како и редењето на мозаиците, има за цел да доловува и буди силни човечки емоции.
Родена е во 1999 година во Скопје. Средното образование го завршува во ДСУЛУД „Лазар Личеноски” – Скопје, оддел сликарство, а своите студии ги продолжува на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија, каде што дипломира како визуелен уметник и мозаичар. Моментално Добревска ги завршува своите постдипломски студии на истиот факултет во Равена, со фокус на мозаик.
Повеќе информации на следниов ЛИНК.