Американската влада пронашла повеќе од 300 доверливи документи на имотот на поранешниот претседател Доналд Трамп на Флорида, вклучително и материјали од ЦИА, Агенцијата за национална безбедност (НСА) и ФБИ, пренесува Н1.
Почетната серија од повеќе од 150 доверливи документи беше пронајдена од страна на Националниот архив на САД во јануари.
Соработниците на Трамп му доставија на американското Министерство за правда втор сет документи во јуни, додека третиот сет беше запленет во рација на ФБИ претходно овој месец. Министерството за правда сè уште не одговорило на барањето за коментар, како ни претставниците на поранешниот претседател.
Во понеделникот, Трамп побара од федералниот суд привремено да го блокира ФБИ да ги прегледа материјалите запленети на 8 август од неговиот дом во Мар-а-Лаго, додека не биде назначен специјален одбор кој ќе го надгледува прегледот.
Претресот е дел од федералната истрага за тоа дали Трамп незаконски отстранил документи кога ја напушти функцијата во јануари 2021 година по поразот на претседателските избори од Џозеф Бајден.
За време на претресот во домот на Трамп, ФБИ заплени 11 комплети доверливи материјали, од кои некои беа означени како „строго доверливо“, највисоко ниво на тајност резервирано за најстрого чуваните информации за националната безбедност на САД и кои може да се прегледаат само во посебни државни установи.